СУДИЈАТА СЕ ЦЕНИ ПО БРОЈ НА ДОНЕСЕНИ И ПОТВРДЕНИ ПРЕСУДИ, ВЕЛИ СУДИЈКАТА ЛАЛИЧИЌ КОЈА КАТИЦА ЈАНЕВА ЈА ИСТАКНА ЗА НЕДОЛИЧНО ОДНЕСУВАЊЕ ВО ЛИЧНИТЕ И СОЦИЈАЛНИ ОДНОСИ

    СУДИЈАТА СЕ ЦЕНИ ПО БРОЈ НА ДОНЕСЕНИ И ПОТВРДЕНИ ПРЕСУДИ, ВЕЛИ СУДИЈКАТА ЛАЛИЧИЌ КОЈА КАТИЦА ЈАНЕВА ЈА ИСТАКНА ЗА НЕДОЛИЧНО ОДНЕСУВАЊЕ ВО ЛИЧНИТЕ И СОЦИЈАЛНИ ОДНОСИЗадоволување приватни интереси и интереси на нејзини блиски луѓе, интервенции и ургенции од секаков карактер, споделување информации и сознанија до кои дошла при вршење на функцијата за цели кои не биле поврзани со судиските должности, запознавање на трети лица со внатрешните состојби и односи во судот во кој вршела должност, недостоинствено однесување во личните и социјални односи и дозволување истите да влијаат на несоодветен начин во нејзиното однесување при вршење на функцијата се само дел од начините на кои била користена моќта која ја носи судиската функција од судијката Софија Лаличиќ, вели специјалната обвинителка Катица Јанева за блиската соработничка на ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков во посебниот извештај за незаконско работење на судии (Фото: СДК.МК)

    Судијката Софија Лаличиќ од Основниот суд Скопје 1, за која Специјалната обвинителка Катица Јанева наведе дека документирано во прислушуваните разговори се однесувала недолично како судија и го прекршила Кодексот на судиската етика во повеќе точки, не сака да го коментира Посебниот извештај за несоодветно судско постапување на Специјалното обвинителство (СЈО) објавен вчера. Лаличиќ е поранешна соработничка на ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, а за која по преслушувањето на снимените разговори, Јанева опишува како била избрана на незаконски начин со помош на Мијалков, и според неа, нестручно и несовесно ја вршела судиската функција по контроверзниот избор.

    „Јас навистина немам коментар за наводите во извештајот на СЈО. Ништо од доменот на работата на Специјалното обвинителство не би коментирала. Ама, би укажала дека работата на еден судија се цени по тоа како ја води постапката, по бројот на пресудите, донесени, потврдени, укинати итн“, изјави судијката Лаличиќ за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    На нашата констатација дека Јанева не се занимава со број на донесени и потврдени или укинати пресуди, туку со кршење на Кодексот за судиска етика и Законот за судови, Лаличиќ рече дека сепак тоа е тврдење и домен на работа на СЈО и нема да има коментар за него.

    Јанева за судијката Лаличиќ напиша:„Нејзините конекции со извршната власт не завршуваат со изборот за судија, туку напротив уште повеќе се интензивираат во насока која претставува флагрантна повреда на независноста на судството и злоупотреба на угледот на судиската функција. Задоволување на приватни интереси и интереси на нејзини блиски луѓе, интервенции и ургенции од секаков карактер, споделување информации и сознанија до кои дошла при вршење на функцијата за цели кои не биле поврзани со судиските должности, запознавање на трети лица со внатрешните состојби и односи во судот во кој вршела должност, недостоинствено однесување во личните и социјални односи и дозволување истите да влијаат на несоодветен начин во нејзиното однесување при вршење на функцијата се само дел од начините на кои била користена моќта која ја носи судиската функција. За судија Лаличиќ судиската функција значела сѐ освен тоа што е нејзиното вистинско значење – привилегија да се служи на заедницата преку улогата на делење на правдата согласно законите и еднаквоста на сите граѓани вклучително и себе си пред Уставот и законите во Република Македонија“.

    Во посебниот извештај за несоодветно судско постапување на СЈО, со име, презиме, функција и конкретни прекршувања на Кодексот на судиска етика во точките: независност, пристрасност, интегритет, стручност и совесност, кои ги чула во содржината на бомбите, Јанева објави дека истото го сториле и претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, експретседателката на Судскиот совет Александра Зафировска, како и Светлана Костова, поранешна блиска соработничка на Мијалков, на која тој исто така и помогнал да ја избере Судскиот совет за управна судијка.

    Сегашниот претседател на Судскиот совет Зоран Караџовски ни изјави дека лично не може да го коментира извештајот на СЈО според тоа што го прочитал во порталите.

    „Во вторник имаме седница, тогаш ќе се видиме сите членови“, ни рече кусо Караџовски.

    Рокот за покренување постапки за разрешување на овие судии е истечен, има можност само за оставки од функциите од морални причини.

    Јанева предлага Собранието да донесе итни законски измени во однос на рокот за поведување на постапката за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд, на начин што истиот да биде еквивалентен на мандатот на вршителот на судиската функција.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира