Поранешниот вицепремиер во Владата на Никола Груевски и министер за здравство од ВМРО-ДПМНЕ Никола Тодоров денеска рече дека ќе гласа на референдумот на 30 септември, објави државната агенција МИА.
На дебатата на тема „Дебатираме за НАТО“ во организација на Инфо центарот за евроатлантски интеграции, со поддршка на Министерството за надворешни работи и амбасадата на Холандија, Тодоров кој беше најавен како адвокат кажа дека ВМРО-ДПМНЕ не смее да го бојкторира референдумот.
„Македонија мора да е дел од НАТО и јас сакам да ја видам Македонија како дел од Алијансата. Во рамки на тоа е и мојот став. Јас го разгледав ставот на партијата во однос на референдумот и имам право да одлучам како сакам. Не излегувам од ставот на партијата, напротив сметам дека мојот став е во рамки на партискиот став. На овој референдум јас ќе излезам и ќе гласам „за“ ЕУ и НАТО, а „против“ договорот. Некој ќе рече нема такво прашање, јас ќе речам има. Се ми е јасно, јасен ми е контекстот, јасно ми е дека мораме да бидеме членка на НАТО, потоа и на ЕУ. Јасен ми е и регионалниот контекст“, рече Тодоров.
Тодоров рече дека би бил неконзистентен ако не излезе на референдумот оти во минатото давал изјави дека ова прашање мора да помине на референдум.
„Сите аспекти ми се многу јасни, но тоа е рационалното, а емотивното не ми дозволува да заокружам „за“. По мене ВМРО-ДПМНЕ не смее да бојкотира затоа што не смее да биде мала гласна изолирана група на граѓани коишто се контаминирани. ВМРО-ДПМНЕ мора да биде силно мнозинство и затоа не смее да си дозволи да бојкотира. ВМРО-ДПМНЕ е уставотворна и државотворна партија и не може да дозволи да следи некои групи кои заговараат бојкот“, рече Тодоров.
Долгогодишниот министер за здравство на ВМРО-ДПМНЕ Никола Тодоров на 29 мај 2017 поднесе оставка на функцијата пратеник во Собранието и најави дека ќе биде адвокат, но и дека сака да даде поголем придонес во партиските активности.