„Земи список од Агенција и сите што работат во Центар, мотивирајте ги да гласаат. Вработен пута пет”, ги засилува обвинетиот Миле Јанакиески притисоците пред локалните избори во 2013 година, според бомбите за случајот „Титаник“ на СЈО што цел ден се пуштаат во Основниот суд Скопје 1 како докази за злосторничко здружување и поткуп при избори, нелегално финансирање во изборна кампања и други кривични дела за кои се обвинети 21 лице, вклучувајќи и половина од бившото раководство на чело со Никола Груевски..
Обвинетиот Јанакиески му се јавува на неименуван соговорник и му вели: „Има ветеринарна станица на Водно. Многу сме им мавале инспекции“.
„Приватна е таа ветеринарна станица бе, Миле“, одговара соговорникот.
„Викни го директорот, кажи му директор си работи за нас! Еден куп кучкарки има во Центар“, вели Јанакиески.
Во друг разговор, Јанакиески ѝ кажува на обвинетата Гордана Јанкулоска дека нивните од ВМРО-ДПМНЕ одејќи од врата на врата пред изборите, нашле многу луѓе во куќен притвор. Ја прашува Јанкулоска како да ги придобијат тие луѓе за гласање.
„Како ќе ги натераме бе Миле да гласаат, ние сме ги апселе“, му се чуди Jанкулоска. Сепак додава: „Ај, да видиме со Билјана (обвинетата Бришкоска н. з.) преку Основен суд 1, да видиме да ни извади бројка на лица во куќен притвор , па да им пристапиме некако“, вели таа.
Друг соговорник го потсетува Јанакиески за поткуп: „Миле, имаме проблем со луѓето од Преспа. Гледајте таму да немаме проблеми со пари“. Јанакиески му потврдува дека ќе биде во ред.
С. К. ДЕЛЕВСКА