Од обработени податоци на 71,53% избирачки места до 9 часот гласале 2,45% избирачи, соопшти Државната изборна комисија (ДИК). Најголема излезност до 9 часот има во општина Демир Хисар со 4,12 проценти, а најмала во општина Конче 0,73 проценти.
На 3.480 гласачки места во 80 општини во Македонија право на глас имаат 1.806.366 гласачи. На сите гласачки места веќе три часа гласањето тече мирно и без неправилности.
„Досега до ДИК доставени се вкупно три приговори за заштита на личното избирачко право и сите три приговори се одбиени како неосновани“, рече портпаролката на ДИК Љупко Гугучевска.
На бесплатната телефонска линија 0800 555 44 може да се пријавуваат неправилности или да поставуваат прашања до ДИК.
Гласачките места се затвараат во 19 часот.
Официјалните податоци за резултатите од вчерашното гласење во казнено-поправните домови, ДКП-та, на болните и раселените лица до 19 часот ќе бидат соопштени на веб-страницата на ДИК.
Граѓаните од земјава денеска на референдумот ќе одговорат на референдумското прашање „Дали сте за членство во Европската унија и НАТО со прифаќање на Договорот за името меѓу Македонија и Грција“. Со овој Договор, потпишан на 17 јуни во грчкиот дел на Преспа, во селото Псарадес (Нивици), името на земјава ќе биде Република Северна Македонија за севкупна употреба, со признати македонски јазик и македонска националност.
Следната прес-конференција на ДИК е во 11:30 часот.