Без печат од најголемите политички партии на Македонците Договорот со Грција не е одржлив и не може да живее, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски во продлжението на денешната расправа во собраниската Комисија за уставни прашања за владиниот предлог за измени на Уставот. Тој рече дека алтернатива за излез од кризата рече е заедништвото, единството и консензусот и дека ВМРО од формирањето секогаш било за Европа.
„Се зборува дека нема друга алтернатива. Има. Тоа е заедништво, консензус и единство, но не под диктат на една страна. Да се вратиме на резолуцијата од 2008 година која сите ја гласавме тука во Собранието. Собранието да побара скрининг од Европската унија. Како за Рамковниот договор сите политички чинители седнаа во Охрид и расправаа, сè додека не се најде решение? Сите застанаа зад него“, рече Димовски.
Премиерот Зоран Заев во репликата до Димовски рече дека ако стварно ВМРО-ДПМНЕ е за заедништво, консензус и единство, тогаш верува дека се блиску до единство.
„Верувам дека сме многу блиску до единство. Сета тоа што кажавте било во минатото и имало секогаш проблем. Од искуството во минатото се покажува што треба да направиме сега. Мислите дека Каменос ќе направи подобро? Цената ја плаќаат и Грците, а и ние. Сега добиваме конечно држава. Ако било ВМРО за ЕУ и НАТО, ајде? За што се бореле војводите, партизаните?“, рече Заев.
„Чим ги нема тука нацрт амандманите, верувам дека и во Владата има дилема за нив. Дури и Министерството за правда има сомнеж чим не е тука. СДСМ одлуките ги носеше без консултирање со опозицијата, како за распишување на референдумот така и за склучувањето на договорот“, рече Димовски.
За прашањето дека опозицијата не била информирана за Договорот, Заев рече дека секогаш кога имало средба или нешто конкретно биле информирани и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на државата Ѓорге Иванов.
„За сè беа информирани Мицкоски и Иванов, тие ми се сведоци, но за делот што предвидуваше внатрешна употреба на името имавме различни мислења. Јас ја земам целата одговорност“, рече Заев.
Пратеникот Димовски на Заев му кажа дека заврши неговата одговорност, сега одговорноста е на 12о пратеници во Собранието.
„Вие одите по мртва улица. Промашен е целиот процес. Без компромис на левицата и на десницата кај Македонците нема решение, ние ќе имаме братоубиство, исто како пред сто години. Нас ни треба компромис прво тука, меѓу нас, па после со Грција. Вие и Мицкоски треба да застанете позади единствено решение. Ова прашање како и на вас како и на пратениците ќе ни виси над главата цел живот“, кажа Димовски.
Денешната расправа во собраниската Уставна комисија заврши, а според собранискиот Деловник, треба да трае 10 дена.
- НЕМАТЕ ДВОТРЕТИНСКО МНОЗИНСТВО ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ, МУ КАЖА ВЕЉАНОСКИ НА ЗАЕВ НА КОМИСИСКАТА РАСПРАВА ВО СОБРАНИЕТО
- ПРЕД МАКЕДОНИЈА СЕ ДОДАВА СЕВЕРНА, ВО ПРЕАМБУЛАТА СЕ НАБРОЈУВААТ СИТЕ ОДЛУКИ ОД АСНОМ – ЦЕЛОСЕН ПРЕДЛОГ ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ
Г. ТРПЕНОСКИ