САД се разочарани од позициите на раководството на ВМРО-ДПМНЕ за референдумот за името и за чекорите во Собранието за промена на Уставот, и бараат од лидерот Христијан Мицкоски да создаде простор за пратениците да одлучат како ќе гласаат за уставните промени ослободени од закани од насилство, одмазда, или друг облик на принуда, му напиша денеска помошникот државен секретар за Европа и Евроазија Вес Мичел, во писмото до Мицкоски што го објави Стејт департментот.
„Како што веќе разговаравме, Соединетите Држави силно веруваат дека Договорот од Преспа помеѓу Македонија и Грција е историска можност за Македонија да обезбеди посветла иднина и да придонесе кон регионалната безбедност, стабилност и просперитет. И покрај тврдењата дека можел да се постигне некаков ‘подобар договор’, ние не веруваме дека тоа е можно. Овој договор бараше компромис и од двете страни. Тоа е прилика што веројатно нема да се повтори со години, ако не и со децении. Нема да Ве изненади што ние сме разочарани од позициите на челниците на ВМРО-ДПМНЕ како во однос на референдумот, така и во врска со чекорите во Собранието за промена на Уставот. Уште од осамостојувањето на Македонија, граѓаните од сите заедници и партии, вклучувајќи ја и Вашата, силно го поддржуваат пристапувањето на земјата кон НАТО и кон ЕУ. Сега Собранието е на ред да го преземе следниот, одлучувачки чекор. Ве поттикнуваме да создадете простор, во јавноста и приватно, за пратениците од Вашата коалиција да одлучат како ќе гласаат за уставните промени, ослободени од закани од насилство, одмазда, или друг облик на принуда“, му пиша Мичел на Мицкоски.
Мичел додава дека ова е историски важен момент за Македонија, што бара храбро лидерство и зрелост.
„Како вистински пријател и поддржувач на Македонија, Ве поттикнуваме да ги тргнете настрана партиските интереси со цел унапредување на заедничките стратешки интереси и обезбедување на посветла иднина за вашите граѓани во европското семејство на народи“, вели Мичел.