ФАЛА ТИ ПЕТРЕ ЗА КРШ АВТОБУСИТЕ ШТО МИ ГИ ДАДЕ, СЕ ПОШЕГУВА ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА НА БИТОЛА ПЕТРОВСКА ЗА ПРВАТА ГОДИНА ОД МАНДАТОТ НА ШИЛЕГОВ

    ФАЛА ТИ ПЕТРЕ ЗА КРШ АВТОБУСИТЕ ШТО МИ ГИ ДАДЕ, СЕ ПОШЕГУВА ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА НА БИТОЛА ПЕТРОВСКА ЗА ПРВАТА ГОДИНА ОД МАНДАТОТ НА ШИЛЕГОВ„Фала ти Петре за трите крш автобуси што ми ги подари. Си ми ги оставил и отчитувачите и сега не знам како да наплатувам. Ама да не застане тука нашата соработка. Сакам да ми дадеш и една галија“, му кажа Петровска на Шилегов. (Фото: Град Скопје)

    Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов синоќа преку комични и сатирични оценки за неговата работа даде отчет за сработено во првата година од неговиот мандат.

    На вечерата „Скопска прес дружба“, на која присуствуваа новинари, градоначалници, директори на јавните претпријатија на Град Скопје, како и дел од министрите во Владата, за работата на Шилегов говореа новинарот Сашо Ордановски, Бранко Огњановски и градоначалничката на Битола Наташа Петровска. Тие се шегуваа за комарците, проблемот со кучиња скитници, загадениот воздух, ваучерите за пијани возачи, сообраќајниот метеж…

    На вечерата која градоначалникот ја организираше за една година од неговиот мандат дојдоа и министерската за одбрана Радмила Шекеринска, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и министерот за здравство Венко Филипче. (Фото: Град Скопје)

    „Бидејќи градоначалникот дели субвенции за сè и сешто, за печки на пелети, велосипеди, електрични тротинети, за чистење оџаци, јас предлагам да даде субвенции и на Градежен факултет за да воведат предмет како се поставуваат шахти на улиците. Нема ниту една улица на која шахтата е рамна со асфалтот, или се над или под улицата“, се пошегува Бранко Огњановски.

    Градоначалничката на Битола Наташа Петровска му се заблагодари на нејзиниот колега Шилегов за трите автобуси од јавниот превоз во Скопје, што ѝ ги подарил за превоз на учениците.

    „Фала ти Петре за трите крш автобуси што ми ги подари. Си ми ги оставил и отчитувачите и сега не знам како да наплатувам. А најстрашно од сè  е што на нив пишува ‘скопска’, а во Битола тоа звучи лошо. Ама да не застане тука нашата соработка. Сакам да ми дадеш и една галија“, му порача Петровска на Шилегов.

    Шилегов на крајот исто така на комичен начин даде отчет за она што го сработил во првата година од неговиот мандат. Тој кажа дека знае и слуша сè што говорат граѓаните за него и дека добро му е познат муабетот ‘градоначаникот ништо не работи’. (Фото: Град Скопје)

    Градоначалникот Петре Шилегов и одговори на Петровска дека со тоа што ѝ ги дал трите стари автобуси ја намалил староста на возниот парк на ЈСП„Скопје“.

    Шилегов на крајот исто така на комичен начин даде отчет за она што го сработил во првата година од неговиот мандат. Тој кажа дека знае и слуша сè што говорат граѓаните за него и дека добро му е познат муабетот дека „градоначалникот ништо не работи“.

    „Јас слушам повеќе и од Мијалков. Имам 3.000 легални такси превозници и не знам колку диви таксисти. 3.000 жолти комбиња на улиците и слушам сè. Во изминатава година главните скандали во мојата работа беа комарците, кучињата скитници и буквите од пораката на Тито за земјотресот. Се зборуваше зошто не сме ги поставени оригиналните букви, а не знаете дека новиве ги изработивме од стопениот споменик на Ќосето“, шегувајќи се рече Шилегов.

    Тој кажа дека оваа година Скопје добил нов, поинаков концепт и дека граѓаните наутро се буделе без страв дали во Скопје ќе биде поставен нов споменик или ќе почне да се гради нова барокна фасада или зграда.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира