ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ПРАВИ МОБИЛНА АПЛИКАЦИЈА ЗА ДЕЛЕЊЕ ПРЕВОЗ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА ЗАГАДУВАЊЕТО

    ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ПРАВИ МОБИЛНА АПЛИКАЦИЈА ЗА ДЕЛЕЊЕ ПРЕВОЗ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА ЗАГАДУВАЊЕТОГрадот објави оглас за изработка на апликација која ќе овозможува на граѓаните олеснет начин на наоѓање патници или возачи, со кои можат да го делат автомобилот додека се движат на одредена локација како мерка за намалување на загадувањето на воздухот.(Фото: Ѓ.Личовски)

    Преку мобилна апликација повеќе граѓани со еден автомобил да одат на работа, Град Скопје ќе се обиде да ја намали загаденоста на воздухот предизвикана од издувните гасови на колите.

    Градот објави оглас за изработка на апликација за Андроид и Иос која ќе овозможува на граѓаните олеснет начин на наоѓање патници или возачи, со кои можат да го делат автомобилот додека се движат на одредена локација.

    „Оваа мерка ја спроведуваме со цел подигнување на јавната свест на граѓаните за намалување на загаденоста на воздухот предизвикана од издувните гасови на автомобилите. Анализите покажаа дека голем е бројот на граѓани кои користат автомобили за да стигнат на работа или на одредена локација. Преку оваа алатка ќе стимулираме наместо секој сам да биде во автомобил, да го комбинира превозот со други граѓани кои ја користат истата релација. Со тоа бројот на возила во сообраќајот ќе се намали и ќе придонесе за намалување на загаденоста на воздухот“, велат од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов.

    Во огласот се бара апликацијата да е на македонски и на албански јазик, да има можност за креирање на профил на корисникот или логирање преку Фејсбук, можност за внесување на рутата, деновите и времето кога ја вози или патува на рутата, можност за поврзување на корисникот во зависност од тоа дали е пријавен како возач или како патник со сите корисници кои ја возат или патуваат на таа рута. Исто така апликацијата ќе има ГПС лоцирање на корисникот и можност за прикажување на сите други рути на кои има регистрирано корисници и можност за бирање на рутата во било кое време, можност за избор на возач или патник во било кое време, овозможување комуникација за корисниците на групата, можност за откажување на рута како возач или место како патник, како и известување за затворени улици и булевари.

    Изработката на апликацијата според проценетата вредност објавена на јавниот оглас ќе чини 5.000 евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира