ГРУЕВСКИ СО ЛИЧНА КАРТА И УНГАРСКА ДИПЛОМАТСКА КОЛА ОД АЛБАНИЈА ПРЕКУ ЦРНА ГОРА И СРБИЈА СТИГНАЛ ВО БУДИМПЕШТА

    ГРУЕВСКИ СО ЛИЧНА КАРТА И УНГАРСКА ДИПЛОМАТСКА КОЛА ОД АЛБАНИЈА ПРЕКУ ЦРНА ГОРА И СРБИЈА СТИГНАЛ ВО БУДИМПЕШТАИ во Србија, како и во Црна Гора, Груевски на 11 ноември влегол со лична карта затоа што во тој момент по него се уште немаше распишано меѓународна потерница од македонското МВР; - Од премиерската посета на реновираниот затвор во Шутка во март 2011 (Фото: Ѓ. Личовски)

    Избеганиот осуден пратеник и експремиер Никола Груевски, кој во Будимпешта бара политички азил, со македонската лична карта и унгарското дипломатско возило од Албанија преку Црна Гора влегол во Србија и оттаму стигнал во Унгарија, објави Дојче веле повикувајќи се на анонимни извори во Црна Гора. Изворите за Дојче веле потврдиле дека Груевски од Црна Гора го продолжил кон Србија.

    Претходно вчера, со официјалното соопштение црногорската полиција рече дека Груевски влегол во земјата на 11 ноември со автомобил преку граничниот премин Божај. Влегол со лична карта, а излегол истиот ден со истиот автомобил во правец на Србија.

    Според сознанијата на Дојче веле, вака изгледало патешествието на Груевски низ Црна Гора:
    – Во 19:10 часот влегол во земјата преку преминот Божај. Таму го пречекале двајца службеници на унгарската амбасада во Подгорица.
    – Со возило „фолксваген џета“ бил пренесен во Подгорица. Таму веќе го чекал унгарскиот заменик-амбасадор и заедно со уште едно лице влегле во друго возило и се упатиле кон граничниот премин Добраково.
    – Таму пристигнале околу 22 часот. Влегле во Србија и таму им го предале Груевски на други унгарски дипломати кои за таа цел пристигнале од Белград. Средбата со дипломатите од белградската амбасада и размената на бегалецот се случила во мотелот „Лукс“ пред влезот во Пријепоље. И во Србија, како и во Црна Гора, Груевски влегол со лична карта затоа што во тој момент по него се уште немаше распишано меѓународна потерница од македонското МВР.

    Властите во Албанија  уште истражуваат кога и како Груевски влегол во нивната земја. Се претпоставува дека Македонија ја напуштил по илегален пат, но не се знае каде и како, ниту дали и во тој дел имал помош од унгарските дипломати. Потврдено е дека граничните системи во Албанија не лоцирале легален влез на Груевски во нивната земја. Во унгарската амбасада во Тирана, Груевски најверојатно формално се изјаснил дека сака да поднесе барање за азил, што вчера го потврди и шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, иако одби да каже за која држава станува збор. Веројатно од таа причина и унгарските власти кажаа дека од безбедносни причини го примиле Груевски директно во Будимпешта, а не во некој од транзитните центри.

    Црногорскиот министер за внатрешни работи Мевлудин Нухоџиќ (втор од лево) вчера беше домаќин на министерскиот Форум на отпорност на Западниот Балкан во Будва, Црна Гора, каде учествуваше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски (Фото: МВР)

    Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера учествувaше на министерскиот Форум на отпорност на Западниот Балкан во Будва, Црна Гора, а во организација на Меѓународниот републикански институт и црногорското Министерство за внатрешни работи. Нема информации дали со црногорскиот колега и со колегите од регионот го дискутирал престојот на Груевски во Црна Гора, Албанија и Србија на пат за Унгарија.

    Груевски се јави од Будимпешта на 13 ноември и кажа дека бара азил од унгарските власти. Ден претходно, македонската полиција го бараше дома, кај мајка му и во гаражата кај партиското седиште во центарот на Скопје. Тој на 9 ноември требаше да се пријави во затворот во Шутка на издржување на двегодишна затворска казна за „Тенк” на СЈО за набавката на мерцедесот од 600.000 евра.

    Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го истражува бегството на Груевски и сомнева дека службени лица му помогнале да избега од Македонија. И Владата вчера соопшти дека дека се утврдува начинот на кој Груевски ја напуштил државата и дали некој му помагал. Владиниот портпарол Миле Бошњаковски рече дека внатрешната контрола на МВР истражува дали полициски службеници му помогнале на Груевски во бегството и најави подетални информации кога ќе заврши истрагата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира