НАД 100 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ИЗГРАДБА НА БОЛНИЦИ, НАБАВКА НА НОВА ОПРЕМА, ЛЕКОВИ И ВАКЦИНИ СО БУЏЕТОТ НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО

    НАД 100 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ИЗГРАДБА НА БОЛНИЦИ, НАБАВКА НА НОВА ОПРЕМА, ЛЕКОВИ И ВАКЦИНИ СО БУЏЕТОТ НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВОМинистерот за здравство Венко Филипче кажа дека за следната година во здравството се предвидени и средства за зголемување на платите од јануари на докторите специјалисти за 10 отсто и за 5 отсто на медицинските сестри, а 5 отсто зголемување на платите на останатите здравствени работници ќе има од септември (Фото: Влада)

    Следната година за здравство се предвидени 300 милиони денари повеќе отколку оваа година, односно буџетот на Министерството за здравство со предлог буџетот за 2019 година ќе биде 6,3 милијарди денари, што е речиси 103 милиони евра

    Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека и наредната година приоритет ќе биде набавка на инсулин, имунизација, набавка на лекови за ретки болести, набавка на опрема и довршување и изградба на нови инфраструктурни објекти.

    Тој кажа дека за набавка на лекови за ретки болести следната година буџетот е зголемен за 156 милиони денари и ќе изнесува 380 милиони денари, за набавка на вакцини обезбедени се 30 отсто повеќе пари, односно за 2019 година предвидени се 294 милиони денари, а годинава буџетот беше 210 милиони денари. За набавка на инсулин предвидени се 652 милиони денари.

    „Со овие средства набавуваме лекови за над 20 ретки болести, а годинава набавивме три нови лека, односно лекови за апластична анемија, нов лек за болеста Гоше и фамилијарна амилоидна мускулна невропатија. По ребалансот на буџетот ќе ја почнеме и набавката на лекот за болеста спинраза. Набавуваме и две нови вакцини за пнеумокок и рота вирус, од орална полио преминуваме на инактивна полио и се намалува степенот на несакани дејства, а предвидени се средства за вакцина за сезонски грип“, рече Филипче.

    Тој кажа дека следната година се преедвидени средства за довршување на проектите кои ги наследиле, а кои биле запрени и успеале да ги завршат преговорите.

    „Предвидени се средства за завршување на градежни активности во болницата ’Св. Еразмо‘ во Охрид, продолжување на изградбата на општа болница во Струмица, завршување на градежните активности за изградба на бункерот за линеарен акцелератор во градската општа болница ’8 Септември‘, изградба на нова болница во Струга, која е во лоша состојба. Потоа почнуваме со подготвителни активности за изградба на новата градска болница кај ’Мајчин дом‘, реконструкција на Клиниката за анестезија, реанимација, и интензивно лекување, каде се лекуваат најтешките пациенти заедно со трaнсплантираните. Предвидени се средства за реконструкција на амбулантите во рурални средини, како и за изградба на нов објект за лекување на зависниците и негова целосна дислокација од населбата Кисела Вода“, рече Филипче.

    Министерот најави изградба на центар за Цистична фиброза и за палијативна грижа во Институтот за белодробни заболувања во Козле, и изградба на центар за палијативна грижа за возрасни во општата болница Кавадарци, како и довршување на изградбата на општата болница во Кичево.

    За довршување на изградбата на клиничката болница во Штип и за почеток на изградбата на Клиничкиот центар во Скопје предвидени се 587,375 милиони денари, а дел од овие средства Министерството за здравство ќе троши и за интервентни градби во сегашниот кампус, односно нови пешачки патеки, катни гаражи, за нови влезови и излези од клиничкиот центар.

    Со предлог буџетот предвидено е и проширување на Програмата за ослободување од партиципација, покрај пензионерите со потпросечни пензии и децата по 18 години кои се приматели на социјална помош, следната година од партиципација ќе бидат ослободени 73.000 лица кои се приматели на социјална помош, и за оваа програма ставката е зголемена од 45 на 123 милиони денари.

    За набавка на нова опрема за здравствените установи и за превентивни програми за малигни заболувања во буџетот на министерството предвидени се 266 милиони денари, а 73 милиони денари како кредит се обезбедени од италијанската влада.

    „За прв пат предвидовме средства за лекување на специфично заболување кај децата, односно за вродени бенигни тумори од васкуларно потекло, кои го загрозуваат нивниот живот заради притисокот на магистралните крвни садови. За обука на лекарите и медицинскиот кадар предвидени се 40 милиони денари, а во програмата за кардиоваскуларни болести која е 33,7 милиони денари предвидени се средства за ангажман на странски хирурзи, кои ќе ја вршат хируршката интервенција, а воедно и ќе ги обучуваат нашите лекари“, рече Филипче.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира