Владата од денес до понеделник организира јавни дискусии со експерти и со граѓани за нацрт-амандманите за измени на Уставот, а ВМРО-ДПМНЕ ќе протестира пред зградата на Владата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски минатата недела најави дека секоја среда ќе протестираат пред Владата, а за викендите во другите градови во Македонија.
Првата јавна дискусија ќе се одржи во Владата во 16 часот и 30 минути. Говорници ќе бидат премиерот Зоран Заев, и професорите Владо Попоски и Љубомир Фрчковски, а модератор ќе биде владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
Во исто време кога ќе се одржува дебатата за уставните измени, пред зградата на Владата ВМРО-ДПМНЕ ќе протестира.
Втората дискусија во Скопје ќе се одржи во Универзитетот ФОН в четврток во 12 часот. Говорници ќе бидат премиерот Зоран Заев, ректорот на Универзитетот, Нано Ружин и професорот Темелко Ристевски. Дискусијата ќе ја отвори деканката на Правниот факултет, Сејдефа Џафче.
Во Македонската Академија на Науките и Уметностите (МАНУ) в петок ќе се одржи третата јавна дискусија за нацрт-амандманите со почеток во 10 часот.
Говорници ќе бидат заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, академикот и професор Владо Камбовски и професорот Светомир Шкариќ. Дискусијата во МАНУ ќе ја отворат претседателот на Академијата Таки Фити и Владо Камбовски.
Во Штип и во Тетово в понеделник ќе бидат последните две јавни дискусии. Во Штип, говорници ќе бидат премиерот Зоран Заев, судијката Маргарита Цаца Николовска и Ѓорѓи Спасов. Дебатата ќе ја води и отвори градоначалникот на Штип, Благој Бочварски.
Во Тетово, јавната дебата ќе се одржи во Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ). Говорници ќе бидат заменик претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, министерот за европски прашања Бујар Османи и универзитетските професори Беса Арифи и Блерим Река. Дискусијата ќе ја отвори ректорот на УЈИЕ, професорот Абдулменаф Беџети.
Г. ТРПЕНОСКИ