Возачкиот тандем Џоко Шуклев и Ѓорѓи Николов од Стојаково, кои летово реставрираа возило „рено 4“ старо 40 години и со него патуваа до Франција и назад, се подготвуваат за нова патна авантура. Планираат со „реното“ да патуваат до Мумбај, Индија по стапките на хуманистката и мисионерка Мајка Тереза, но и низ државите низ кои минувал Александар Македонски. На тој начин сакаат да ги поврзат родното село Стојаково со овој милионски град.
Целата маршрута до Индија и назад е долга 19 илјади километри и според плановите на Шуклев и Николов, би се тргнало на 23 март идната година за да се вратат на 1 мај во Стојаково. За Индија ќе патуваат преку Грција, Турција, Грузија, Азербејџан, Иран, Пакистан.
- РЕСТАВРИРАА „РЕНО 4“ СТАРО 40 ГОДИНИ И ОД СТОЈАКОВО ТРГНАА ВО МОНТЕ КАРЛО НА САЕМ НА ОЛДТАЈМЕРИ
- ВО МОНТЕ КАРЛО САКАА ДА НИ ГО КУПАТ „РЕНОТО 4“ СО КОЕ ДОЈДОВМЕ ОД СТОЈАКОВО, ВЕЛАТ ДВАЈЦАТА АВТОМОБИЛИСТИ
- ДИПЛОМАТСКИ ПРЕЧЕК ВО СТОЈАКОВО ЗА АВТОМОБИЛИСТИТЕ НА СТАРОТО „РЕНО 4“ КОИ СЕ ВРАТИЈА ОД МОНТЕ КАРЛО
„Ова ќе биде нашиот нов потфат кој пред сѐ, ќе зависи од средствата. Според нашите проекции, ќе ни бидат потребни околу 15 илјади евра бидејки планираме уште едно возило со логистичка подршка со механичар, медицинско лице и шофер, зашто ќе се патува огромна делница по пустини и непознати предели. Во фокусот ќе ни биде да ги обезбедиме потребните средства, кои секако деќа ќе бидат и од наши спонзори“, вели Џоко Шуклев, правник и страсен влубеник во возењето со стари возила.
Тие секојдневно го возат легендарното „рено 4“ и ги тестираат перформансите. Тврдат дека оваа „француска машина“ може да издржи до Индија и назад, за да се пренесе пораката на Мајка Тереза за мир, благосостојба и помош на сиромашните. Се планира да бидат набавени и оригинални делови за „реното“, да се интервенира во случај на дефект.
„Нема да оставиме ништо на случајност. Мислам дека со Џоко сме подготвени да ја реализираме ова мисија. Веќе имаме искуство. Треба да се има само желба и цел. Нашата цел е да ги промовираме Стојаково и Македонија во Мумбај и да ги пренесуваме пораките на Мајка Тереза. Нема да биде лесно, но мислам дека ќе успееме во овој потфат“, ни рече Николов, кој е професионален возач.
Тие, меѓу другото, планираат во логистичката подршка да ангажираат и снимател кој ќе ги доловува сите сегменти од нивното патешествие од Македонија до Индија.
Летово Шуклев и Николов станаа вистинска атракција откако со „реното“ беа на Саем на олдтајмери во Монте Карло во Франција. Нивното патешествие траеше две недели и добиваа посебен третман во градовите каде престојуваа. Имаа и понуди да им го откупат возилото со кое се вратија во родното Стојаково, како вистински промотори на своето село и држава. Нив ги пречекаа лично министерот за надворешни Никола Димитров, но и амбасадори и преставници на амбасадите од земјите низ кои патуваа двајцата стојачани.
В. ТРАЈКОВ