На тротоарите на улицата Даме Груев и на дел од булеварот Партизански одреди спроти Соборениот храм нема да може да се паркираат возила. Град Скопје и Општина Центар почнаа со градежни работи за реконструкција на тротоарите на овој потег во центарот на градот.
Досега, бидејќи немаше поставено столпчиња ниту воведено зонско паркирање, тротоарите беа блокирани од паркирани коли. Долж улицата ќе бидат поставени столпчиња, а ќе биде изведена велосипедска патека.
„Заедно со Град Скопје почнавме со целосна реконструкција на тротоарските површини во центарот на градот. Се почна во овој дел кој беше блокиран од автомобили. Ќе бидат изведени нови велосипедски патеки во должина од 1.350 метри, ќе се ослободат тротоарите и нема да има паркирање по должина на булеварот, со што ќе се овозможи непречено движење на велосипедите и пешаците“, вели градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.
Град Скопје пред два месецa постави столпчиња вдолж булеварот Партизански одреди кај Универзална сала. Жителите на околните згради бараа столпчињата да се отстранат оти немале каде да се паркираат и искршија дел од нив. Од Град Скопје за неколку дена повторно поставија нови столпчиња, велејќи дека нема да дозволат тротоарите и пешачките патеки да бидат блокирани од возила.
А. АНТЕВСКА