Општина Карпош, Владата и Агенцијата за млади и спорт ќе ја обновуваат култната сала „Партизан“ во Скопје, која сега е распадната, разурната и запалена. Откако на 5 јануари САКАМДАКАЖАМ.МК објави текст дека местото каде карпошани, но и граѓани од другите скопски населби се собираа да спортуваат, сега е разурната, искршена, во делови запалена, затрупана со бетон, цигли, ѓубре, шут, стакло, и може целосно да се урне, денеска во Општина Карпош се одржа состанок за спас на објектот, потврди градоначалниот Стефан Богоев.
На работната средба присуствуваа градоначалникот Стефан Богоев, претседателот на Совет на Општина Карпош Андреј Манолев, советниците на премиерот Зоран Заев Ѓорѓи Тасев и Даниел Димоски, Томислав Андоновски од Агенција за млади и спорт и Шпенд Хајредин, директор на Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти. Договорено е да почне процес за враќање во сопственост на државата на салата која сега е дадена под концесија, по што ќе се даде во владеење на Општината или на спортска федерација.
„Постои волја од сите засегнати институции за конечно решавање на проблемот со оваа сала, но истата секојдневно пропаѓа и се прекршени голем број одредби од договорот за концесија. Исто така, да нема дилеми, овој простор ќе остане со намена за спорт и рекреација. Нашата цел е навистина да биде во функција на спортот, но да биде достапна и за сите граѓани на Карпош“, вели градоначалникот Стефан Богоев.
На состанокот е договорено Општината да испрати информација до Владата за моменталната состојба на објектот, целта на локалната самоуправа, проекциите за стопанисување со салата и други потребни детали.
А. АНТЕВСКА