Во Тетово, Струмица и Битола, поради зголемено загадување на воздухот во два последователни дена, стапуваат на сила мерките за заштита од аерозагадување донесени 28 ноември лани на 40. седница, соопшти Владата. Од Владата велат дека од Министерството за животна средина добиле инфомација за надминување на прагот на алармирање за загадувањето на воздухот во овие три града, според кое на 17 и 18 овој месец концентрациите на суспендираните честички со големина од 10 микрометри се движела од 200 до 300 микрограми на кубен метар.
Според апликацијата за аерозагадувањето „Мој воздух“, во моментов најзагадено е во Прилеп, каде се измерени 675 микрограми на метар кубен. Во Струмица во моментов концентрацијата на ПМ10 е 258, во Битола 269, а во Тетово 304 микрограми на метар кубен. Во моментов во Скопје на сите мерни места има аерозагадување со ПМ10 над 200 микрограми на кубен метар, освен во Центар и Карпош, каде се движи до 150.
Мерните станици на Министерството за животна средина во Скопје во Лисиче и Гази Баба сѐ уште не работат, а од другите мерни станици надминување над 200 микрограми на метар кубен на завчера и вчера забележани се на мерната станица кај Ректорат, во Карпош завчера се измерени 185 микрограми на метар кубен ПМ10, а вчера 295, додека во Центар вчера се измерени 258 микрограми на кубен метар.
Со мерките на Владата се предвидува сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и акционерските друштва во државна сопственост и општините да ја намалат до 50 отсто употребата на службените возила. Се препорачува работодавачите да ги ослободат од работа бремените жени, лицата постари од 60 години и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Сите правни субјекти да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот, како и да препорачаат да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.
Министертвото за здравство треба да обезбеди услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба, и да ја задолжи Службата за итна медицинска помош да доставува информација до Институтот за јавно здравје за број на повици, според дијагноза, пол, возраст, место на живеење и општина, за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа сè до завршување на епизодата и една недела по завршувањето.
Државниот инспекторат за животна средина треба да почне со контроли на индустриските објекти со А интегрирана дозвола, со контролни мерења на емисиите на загадувачките материи во акредитирана лабораторија, за да се утврди дали се применуваат пропишаните услови по однос на емисиите во воздух.
Министерството за животна средина и просторно планирање треба да им препорача на капацитетите со А интегрирана дозвола да го намалат производството за 50 отсто, а ова не се однесува на капацитетите што произведуваат топлинска и електрична енергија.
Е. БОЧВАРОСКА