Казнено-поправната установа Куманово во село К’шање е отсечена од светот, поради неисчеистениот снег и големите наноси на патот. Затворот од вчера попладне има прекин во снабдувањето со електрична енергија и во телефонскиот сообраќај, а утринава останале и без леб затоа што камионот за достава не успеал да се пробие низ снегот. Проблем било и пристигнувањето на вработените на работните места.
Извори од затворот кажуваат дека во моментот напојувањата со струја се врши со сопствени агрегати, меѓутоа количините со нафта се ограничени и не се знае до кога ќе издржат. Во затворот се користат и последните количини на храна.
Од управата на затворот потврдуваат дека имаа проблеми поради невремето, и велат дека бараат начин како да го решат проблемот. Утринава од локалната самоуправа Куманово испратилa помало возило за чистиње снег, па поради големите наноси и непристапниот терен не успеало да го расчиси снегот. Ако во најкратко време не се реши проблемот институцијата ќе се соочи со сериозни проблеми во работењето, велат од затворот.
С. НИКОЛИЌ