Министерството за труд и социјална политика ги демантира обвинувањата од градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски дека ингеренциите на Општина Куманово врз детската градинка „Ангел Шајче“ се одземени бидејќи министерката за труд и социјална политика Мила Царовска сака да се меша во изборот на директор на оваа установа.
Министерството во соопштението до јавноста вели дека градоначалникот на Куманово Димитриевски не постапил според своите овластувања во законскиот рок за да именува директор на градинката „Ангел Шајче“ и дека тоа е единствената причина за одземање на ингеренциите.
„Сите други укажувања кои ги изнесува Димитриевски се лажни и апсурдни. За отпочнување на постапката за одземање на ингеренциите бевме известени од Управниот одбор на градинката по што Министерството постапи согласно законската регулатива. Одлуката е донесена откако при вршење на надзор на работата беа утврдени недостатоци во спроведувањето на постапката за распишување на оглас за директор на детски градинки. Градоначалникот доби укажување со утврден рок за отстранување на неправилностите, преку уредно примен допис на 4.01.2019 година. Откако градоначалникот не постапи според даденото укажување ги презедовме ингеренциите за управување со градинките на период од 1 година, согласно членот 201 од Законот за заштита на децата“, велат од Министерството за труд и социјална политика.
Оваа реакција од Министерството за труд и социјална политика следи откако денес градоначалникот Димитриевски ја повика министерката за труд и социјална политика Мила Царовска да ја повлече одлуката за одземање на ингеренциите на Општина Куманово и ја обвини дека решението е неиздржано, селективно, тенденциозно и дека со тоа сака да се меша во изборот на директор на градинката. Тој рече дека таа има направено голем пропуст и дека Општина Куманово не заслужува ваков третман.
„Главен проблем овде е министерката Царовска. Затоа го повикувам главниот проблем уште еднаш да ги преиспита сите свои одлуки поврзани со оваа активност и да го укине решението, а надлежноста да ја врати на Општина Куманово. Праксата покажува дека избор на директор може да се врши непречено, без разлика дали овој член на законот ќе се почитува или нема да се почитува. Дури има случаи кога не е навремено отпочната постапка за избор на директор, но, за жал, за тие општини, во конкретниов случај Центар, не се преземени никакви активности. Ова решение е тенденциозно, јас, согласно законот, мора да го почитувам, но апелирам до министерката да го преиспита, укине и јавно да се извини на Општина Куманово и граѓаните, бидејќи ова е сè, само не децентрализација“, рече Димитриевски.
Тој кажа дека на 3 јануари ненајавено ги посетил надлежен инспектор од Министерството за труд и социјална политика, и им кажал дека ако не почнат постапка за постапка за именување директор во дадениот рок ќе им бидат одземени ингеренциите. Тој се пожали дека имало притисоци врз него и неговите соработници, но не кажа какви и од кого.
Министерството вели дека освен на Куманово за истата работа ингеренциите пред околу еден месец се одземени и на Општина Струга и дека целта на оваа одлука е да се овозможи непречено работење на градинките.
„Постапка за одземање на ингеренциите во двете општини е водена целосно согласно законските прописи и нема никаква основа за преиспитување на овие одлуки“, вели Министерството за труд и социјална политика.
С. НИКОЛИЌ