Многу лесно од Македонија заминав за Албанија, се пријавив во Унгарската амбасада во Тирана, каде што побарав политички азил и оттаму дојдов во Унгарија, кај што беше одлучено дека поради фактот што долго бев премиер и од безбедносни причини, добро е да бидам транспортиран до Унгарија, изјави во Будимпешта осудениот експремиер и пратеник Никола Груевски кој им побегна на властите од Македонија дента кога требаше да му биде врачено решение за да оди во затвор неодложно и веднаш. Азилантот Груевски ова го кажа во парче од ексклузивно интервју за телевизија Сител емитувано попладнево, а кое во Будимпешта го водеше новинарката Славица Арсова.
Додека беше на власт, телевизијата Сител беше постојан избор на Груевски за да се огласи во јавноста. На 26 февруари 2017, кога Зоран Заев изјави дека со 67 пратенички потписи следниот ден ќе оди кај Иванов да побара мандат за влада, Никола Груевски на интервју на Сител кое го водеше новинарката Славица Арсова рече: „Сакам да им порачам на сите граѓани дека ако сметаат и ако планираат со седење дома и гледање телевизија дека некој друг ќе им ја одбрани државата длабоко се во заблуда. Државата може во ваква ситуација да ја одбрани само народот“. По ова интервју на Сител, на 27 февруари почнаа протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“ што кулминираа со организираниот напад на Собранието на 27 април, кривично дело подготовка и терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
И емитуваните прислушувани разговори открија дека Сител беше целосно во служба на режимот на Груевски. СЈО покрена обвиненија за затајување данок за уредниците Ивона Талеска, која доби условна казна од 2 години во случајот “Тифани“, и за Драган Павловиќ-Латас чие судење е во тек за “Тотал“.
Азилантот Груевски во извадокот од интервјуто од Будимпешта денеска на Сител не одговори дали ја користел личната карта за да излезе од Македонија, им порача на безбедносните служби во МВР да поработат малку и сами да откријат. Од Албанија, рече, натамошното движење му било со личната карта, а во Унгарија влегол со издадениот документ од унгарската амбасада во Тирана.
„Власта да може нешто друго лошо да ми направи, а да ми помогне, не“, ѝ одговори тој на новинарката Арсова на ТВ Сител која го праша дали некој од власта му помогнал да избега.
С. К. ДЕЛЕВСКА