Владата ќе го исплати долгот што винарниците „Повардарие“ и „Стефанс винарија“ го имаат кон лозарите, кажа денеска министерот за земјоделие Љупчо Николовски по средбата со лозарите во Кавадарци. Со оваа одлука на Владата од државниот буџет ќе бидат исплатени над 1,5 милиони евра. Ќе бидат опфатени сите лозари кои во периодот од 2014 до 2016 година го предале грозјето во винарници кои што во тој период биле регистрирани во регистарот на Министерството за земјоделство, а не добиле пари за предаденото грозје.
„Правна можност постои, и со премиерот договоривме в четврток на посебна владина седница да се измени Програмата и Уредбата за директните плаќања за 2019, со која ќе се создадат услови за исплата на парите. Веднаш по евиденцијата од страна на Инспекторатот и Платежната агенција, ќе се исплатат парите кон лозарите од над 1.5 милиони евра. Ова е вистински пример на грижа на државата за граѓаните и враќање на парите кај граѓаните“, изјави министерот Николовски.
Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, кој заедно со министерот Николовски беше на средбата, рече дека имало гнев кај лозарите поради неплатени обврски повеќе од четири години.
„Добро е што ова сега се реши во така брз период, што за мене претставува гордост. Сите кои учествуваа во овој процес напорно работеа како за свои пари, за да може да се обештетат лозарите. Добро е кога сите сме задоволни“, изјави градоначалникот Јанчев.
Премиерот Зоран Заев вчера од трибината во Охрид најави отпишување на застарените долгови за струја на 200.000 семејства кон ЕВН во вкупен износ од 110 милиони евра.
„Постои волја од Владата, ЕЛЕМ и ЕВН да избришеме долгови за струја во вкупен износ од 110 милиони евра на 200.000 граѓани и семејства. Разгледавме ситуација за стари долгови за струја до 2006 година за 200.000 семејства и граѓани кои се заглавени во вакви лавиринти на извршители и блокирани сметки. Волјата од Владата за преземање на своите дејствија е нотирана, и од ЕЛЕМ како партнер во производството на струјата е потврдена, и волјата на ЕВН како приватна компанија исто така е потврдена. Намерата е да избришеме долг на граѓаните од 110 милиони евра. Тоа се огромни пари и ќе биде големо олеснување за граѓаните. Сите мерки коишто ги спроведуваме се во насока на било кој начин да вбризгаме пари кај граѓаните“, изјави Заев во Охрид.
А. АНТЕВСКА