Донесување на закон за владини реклами во која било форма ќе значи озаконување на корупцијата на медиумите. Тоа ќе биде најголемиот удар врз досегашните напори за ослободување на медиумите од контролата на ВМРО-ДПМНЕ, вели Насер Селмани, претседател на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) по усвојувањето од Владата на посебен предлог-закон за владиното рекламирање во медиумите. Овој факт, предупредува Селмани, мора да го знаат ДУИ, СДСМ и ДПА, но и меѓународниот фактор САД и ЕУ.
Владата во петокот го усвоила текстот, кој е предложен од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА). Опозицијата воопшто не е консултирана за подготовката на овој закон и никој не кажува каква е неговата содржина, односно како МИОА има предлог да ги озакони владините реклами.
Предлог законот уште не е стигнат во Собрание, но се очекува дека веќе од утре ќе биде таму. Содржината на законот не е позната, а од МИОА најавуваат широк процес на консултации, и укажуваат дка се работи за итен реформски приоритет кој произлегува од насоките добиени од ЕУ за регулирање на начиот на распределба на буџетите за владините кампањи, при што средствата ќе се распределуваат на сите медиуми.
“Законот ќе има застрашувачки последици врз слободата на медиумите и врз информирањето на граѓаните. Не само што со наши пари ќе ги контролираат медиумите, туку во нивните програми ќе промивираат лаги или полувистини“, вели Селмани.
Состојбата во медиумите и владиното рекламирање беше третирана и во извештајот на европскиот експерт Рајнхард Прибе, во кој се вели дека „ купувањето политичка поддршка од медиумите преку финансиско поддржување на медиумскиот пазар е неприфатливо. Мора да се наметнат строги правила за владиното рекламирање“.
„Прво, Владата останува главен уредник на медиумите, исто како што чувме во бомбите дека Сашо Мијалков му ги уредуваше вестите на Латас. Владата ќе одлучува што ќе се објавува во медиумите, а што нема. Груевски ќе спречи каква било критика во медиумите“, вели Селмани.
Второ, наведува тој, Владата ќе ја крои кадровската политика во медиумите, ќе продолжи чистењето на редакциите од критички уредници, ќе мести свои мегафони, кои место новинарство, ќе продаваат гебелсовска пропаганда која ја гледаме секој ден.
Трето, смета Селмани, Владата ќе остане најголем огласувач во медиумите и со тоа ќе направи упад врз медиумскиот пазар. Медиумите ги контролира оној што ги финансира, потсетува тој.
“Четврто, партиската пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ со закон ќе се прогласи за јавен интерес. Медиумите ќе бидат преплавени со кампањи во кои ќе ни продаваат лаги со опашки за наводните успеси на Груевски. Ќе продолжат да ни кажуваат колку деца да раѓаме, за после некој манијак на улица да ни ги прегази со кола. Ако не ги запреме овде, немојте утре да се чудите кога во некоја медиумска кампања ќе нѐ едуцираат во која поза да водиме љубов“, вели Селмани, истакнувајќи го своето мислење за оваа тема.
И конечно, потсетува тој, со наши пари Владата ќе дисциплинира медиуми, нејзините мегафони ќе ги наградува со огромни пари во знак на благодарност за службувањето на интересите на власта, а на критичните ќе им ги замачкуваат очите со минимални износи.
Рекламирањето на Владата во медиуми беше едно од централните прашања на преговорите во Клубот на пратениците. Четирите партии договорија мораториум неколку месеци пред изборите што беа планирани за април, но не и трајно решение, а Владата го стави ова во својот Акциски план како приоритетно.
Селмани им се обраќа на меѓународните претставници: “Ако некој во ЕУ и САД верува дека законот ќе обезбедува транспарентност и критериуми за распределба на кампањите, многу се лаже. Врхушката на ВМРО-ДПМНЕ не се води од тоа што пишува во законот, туку како ќе рече поглавицата“, вели тој и додава:
„Ние во ЗНМ, место владини кампањи преку кои се продава ефтина пропаганда, се залагаме за субвенционирање на медиумите. Истите пари што Владата ги троши за пропаганда, да ги одвои за помагање на медиумите за производство на поквалитетна програма во интерес на граѓаните, за зајакнување на политичкиот плурализам во медиумите, за обука на новинарите и друго“.