1 Од домашните вести издвојуваме: Скршени клупите и куќичките во паркот во Гази Баба што беа реновирани пред 5 дена. Повторно запалена трската во Струшко. Паркирани коли на плоштадот Филип Втори кај Камениот мост во Скопје. Паркирани коли во пешачката зона на улица Македонија во центарот на Скопје. Кејот на Вардар што е пешачка зона стана сообраќајница. Патот за Сончев град на Водно стана паркинг. На Скопскиот аеродром уапсен патник што пушел во авион. На Качанички пат на излез од Скопје кон Косово собрани 20 камиони ѓубре. Актерката Ирена Ристиќ и активистите од граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре“ само околу Владата собрале цела вреќа догорчиња од цигари. За два месеца запалени 40 контејнери само во Скопје. Само што завршила акцијата за чистење околу езерото Младост во Велешко, другиот ден излетници оставиле ново ѓубре. Собрани 200 ќеси со ѓубре на патот Охрид-Свети Наум…
Само во Скопско за првите три месеци годинава имало 550 пожари. Од Дирекцијата за заштита и спасување велат дека никогаш немало пожари во планина во март. Противпожарните авиони биле дигани дури во август. Цела Македонија гори. Струмица, Битола, Тетово, Гостивар, Охрид, Струга, Преспа… Горат и крајбрежјето и планините. И полињата и шумите.
До сега нема ниту една казна. Како да има казна кога никој не е фатен. А како да биде фатен, кога никој не го бара виновникот.
2 Градоначалниците се жалат дека се немоќни. Пишуваат статуси на Фејсбук „До кога вака!?“ МВР се жали дека нема доволно полицајци. Инспекциите се жалат дека нема доволно инспектори. Централната и локалните власти си ја префрлаат одговорноста и надлежноста. А канцелариите полни со државна администрација, заштитена или од едната, или од другата, или од третата партија. И управните одбори пополнети со неписмени почетници, чиј единствен претходен ангажман бил лепење партиски плакати и дежурство на телефон во штаб.
И сега, што да правиме? Граѓански стражи ли да организираме за да го сочуваме јавното добро? Совесни граѓани против несовесни граѓани? Па по примерот на Ирена Ристиќ и на класната во Битола што чистела со учениците, а другиот ден им го запалиле тоа што го чистеле, да се организираат и граѓански чуварски стражи. По нивите, по шумите, покрај контејнерите, на плоштадите, по парковите, на кејовите, на автопатиштата… Да ги сликаме? Да ги караме? Да ги посрамуваме? Да ги заробуваме и да ги носиме во полиција? Да им какаме пред врата на тие што си ги какаат кучињата насекаде и не собираат по нив. Да им ги бушиме гумите? Ние со клинци, а тие со пиштоли ќе пукаат по нас. Нели е тоа анархија?
Имаме 22 министри. Сега се изгласа уште едно министерство. Дваесет и тројца ќе бидат кога новиот претседател ќе го потпише Законот. А државата што очекува датум за преговори со ЕУ не може да се справи со палење контејнери, кршење клупи и паркирање на главниот плоштад во главниот град.
И после, Макрон ќе ни биде крив. И холандскиот парламент. Оти, Холанѓаните кои редовно ни ги чистат парковите, кејот на Вардар и болничкиот круг оваа година нема да бидат толку дискретни. Видоа дека од посрамување фајде нема, па може ќе мора да заигра камшикот.
3 Погледнато од перспективата на буништето во кое се задушуваме, каде што сите – од месна заедница до министерство – се или ненадлежни или некадарни да се справат со вандалство и беззаконие, како ли СЈО може да се справи со корупција и организиран криминал на највисоко ниво?
Мене многу не ме загрижува сета оваа драмолетка околу законот за СЈО. Штом странскиве пријатели, што ни го смислија СЈО за да се справат со нашите криминалци, даваат поддршка и за новиот закон, тој ќе помине и покрај сите креативни идеи на ВМРО-ДПМНЕ и итроштините на ДУИ да се спасат.
Туку, што правиме со секојдневното живеење кое странците уште не решиле да ни го цивилизираат? Оти ние и комунална полиција да направиме, тие нема да бидат свесни зошто одат на работа. Ќе мислат дека се таму само оти партијата нашла начин да им обезбеди државна плата. Овие од Америка и од ЕУ и за ѓубрето ли специјални институции ќе ни измислуваат? Специјални инспекции? Специјални сообраќајци? Специјални комуналци? Специјални градоначалници и советници?
Оти, нам само со специјални сили може да ни се врати довербата во институциите. А овие редовниве ќе продолжиме да ги плаќаме за да се одржи меѓупартиската кохабитација. И за да опстанат партиите. Инаку, кој ќе им дојде на митинг.
4 На 1 април почнува кампањата за избор на претседател. Речиси сум убеден дека тонот на кампањата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде со истото ширење паника, како што им се секојдневните обраќања до јавноста и приказните за црнила, хунта, помор, премрежија и се разбира – прогон. И со измислување непријатели, од мигрантските кампови, преку епидемии до ИСИС. Оти, од оваа нереформирана ВМРО-ДПМНЕ тоа и се очекува. Со хистерично врескање да нѐ измами дека тоа е партија исчистена од гревовите. А не се извинила ни за 27 април, ни за криминалите на нејзината претходна власт, ни за масовното кршење човекови права со прислушувањето. За сѐ имаат оправдување што почнува со „Ама…“.
Прашањето е дали и СДСМ ќе се налепи на хистеријата, или ќе го смени муабетот? Ако има што да каже. И да не викаат „Ама…“.
AUDIO PODCAST