Два дена по автобуската несреќа кај селото Ласкарци на 13 февруари во која загинаа 16 луѓе, превозникот „Дурмо турс“ добил тендер за превоз на ученици, објави Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ). Договорот е склучен на 15 февруари, а вчера е објавен на интернет страната на Јавни набавки. Вкупната сума на тендерот со ДДВ е 27.600 евра.
Тендерот бил објавен од средното училиште „Неготино“ од селото Неготино во Општина Врапчиште, а „Дурмо турс“ била одбрана во конкуренција со уште една фирма. Според договорот, „Дурмо турс“ почнувајќи од 15 февруари до 31 декември годинава ќе ги превезува средношколците од шест села од дома до училиштето и обратно. Критериум за добивање на договорот била најниска цена.
Според податоците на Јавни набавки, „Дурмо турс“ понудила цена од 700 денари, а конкурентската фирма 3.300 денари.
Новинарите од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) побарале коментар од директорот на училиштето, но им кажале дека е на годишен одмор. Недостапен на мобилниот телефон бил и градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари, од чиј град беа загинатите во несреќата кај Ласкарци.
По истрагата за несреќата беа приведени сопственикот на компанијата, возачот на автобусот и уште пет други лица меѓу кои, раководителот на компанијата, три лица кои се грижеле за технички преглед и едно правно лице кое издало документ дека автобусот е исправен.
Истрагата за сообраќајката на автобусот кај Ласкарци на 13 февруари, во која загинаа 15-мина, а месец и пол подоцна почина упте една повредена, откри криминални практики на превозникот „Дурмо турс“: дека сопирачките биле неисправни и иако тоа било увидено на техничкиот преглед, во јули 2018 му било дадена дозвола за работа. Истото, и покрај неправилностите, било направено и при техничкиот прием во декември 2018. Дополнително е утврдено дека е манипулирано со тахографот со што не се покажувала реалната брзина на возење. Неисправноста на кочниците и големата брзина се причина за сообраќајката. Судот одреди притвор за тројца, односно за сопственикот, возачот на автобусот и раководителот на компанијата.