Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Христијан Мицкоски и Али Ахмети, денеска изјавија дека се убедени во поголема излезност во вториот круг од претседателските избори, еден ден откако и лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев кажа дека верува во успешни избори. За да биде успешен вториот круг од претседателските избори, на 5 мај потребно е да излезат над 723 илјади гласачи.
Мицкоски, кој утринава беше на литургија во Соборниот храм во Скопје со претседателската кандидатка Гордана Силјановска-Давкова, рече дека очекува цензус на 5 мај.
„Следен претседател на Република Македонија е професорката Гордана Силјановска-Давкова и самото тоа дава одговор на вашето прашање дека очекувам да има цензус во вториот круг на 5 мај“, одговарајќи на новинарско прашање дали очекуваат цензус во вториот круг од изборите.
Ахмети, по денешниот собир на подмладокот на ДУИ, рече дека сите органи на партијата се мобилизирани и го даваат максимумот за што поголема излезност на 5 мај.
„Јас мислам дека на 5 мај ќе се одлучува дали оваа земја ќе биде успешна и со тоа ќе испратиме порака до меѓународната заедница дека на 5 мај сме гласале за што поскоро членство во НАТО и ЕУ. Не е точно дека ние како ДУИ немаме силна кампања“, кажа Ахмети.
Заев вчера во Струмица рече дека успехот на изборите е државна одговорност, како на власта, така и на опозицијата, но и на граѓаните.
„Изборите треба и мора да бидат успешни за да продолжиме напред. Нашата земја е на вистински пат, и по тој пат чекориме, тоа го чувствуваме веќе дома, за тоа зборува целиот свет, и тоа е патот од кој што враќање назад нема“, изјави Заев.
Во првиот круг од претседателските избори излегоа 755.702 гласачи. Кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски освои 323.714 гласови, а во вториот круг влезе и кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова со 319.225 гласови. Отпадна кандидатот Блерим Река, зад кој застанаа Алијанса за Албанците и Беса, со 79.921 гласови.