Шест мобилни тимови за постапување со деца на улица на Центарот за социјални работи на Скопје, за две недели идентификувале 167 деца на најфреквентните крстосници во градот, соопшти Министерството за труд и социјална политика. Од нив, 18 биле бебиња.
Утврдено е дека најчестите активности во кои децата биле вклучени се улична работа, вклучително и продавање на мали предмети, чистење на стакла и питачење. Поголемиот дел од децата се без документи и не се вклучени во образовниот процес, вели министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
Комплетните податоци од состојбата на теренот со децата питачи Центарот за социјални работи денеска ги презентираше пред Царовска, пред претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс и претставници од Црвен крст на Град Скопје.
“Единствен начин да ги детектираме и да почнеме да ги решаваме проблемите со кои се соочуваат децата на улица е да работиме одблизу со нив и нивните семејства, да им овозможиме континуирана помош и поддршка. Токму затоа, ги јакнеме мобилните тимови на Центарот за социјални работи кои веќе почнаа со мапирањето на најфрекфентните локации каде што има деца коишто питачат. Тимовите патем ќе им помагаат на полнолетните да најдат работа и ќе ги насочуваат да се вклучат во мерките за доквалификација и прекфалификација кои ги нудиме”, рече Царовска.
Царовска уште еднаш го потсети Собранието на важноста на социјалната реформа. Законите се уште се во собраниска процедура. Таму е заглавена реформата која значи за 20 пати поголем опфат на деца во користењето на детскиот и образовниот додаток, во намалувањето на детската сиромаштија, но и во овозможување безгрижно детство, детство кое е целосно ослободено од насилство, експлоатација и злоупотреба и вклучување на децата во образовниот процес.
“Првичните наоди од теренските истражувања потврдуваат дека децата на улица често се жртви на повеќе негативни искуства, вклучувајќи физичко и психичко малтретирање и занемарување. Тие ја зајакнуваат потребата од системски решенија, бидејќи многу од овие деца го пропуштаат правото на образование, здравје и заштита,” рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.