250 независни уметници и културни работници бараат од премиерот Зоран Заев да спречи менување на сегашниот в. д. директор на Младинскиот културен центар (МКЦ) Русе Арсов и поставување на пејачот Бени Шеќири на директорската функција. Во отвореното писмо до премиерот се вели дека ако Шаќири биде назначен за директор ќе дојде до нарушување на континуитетот на работа на МКЦ.
Продуцентот Арсов е назначен за в. д. директор на МКЦ во март лани, откако директорот Златко Стевковски си даде оставка. Арсов е истакнат продуцент и долгогодишен програмски директор на настаните кои ги организира МКЦ, како фестивалите Млад отворен театар, Синедејс, Здраво млади, Земјотрес и голем број ликовни изложби. Конкурсот за нов директор беше објавен во февруари годинава, а Арсов и Шаќири се единствените пријавени. Оттогаш почна и кампањата на социјалните мрежи под наслов #НеГоЧепкајтеМКЦ.
„Конечно, МКЦ е една од ретките јавни институции, ако не и единствена, која комплетно успешно и без никаква злоупотреба си ја извршува својата работа. Бараме да не се уништува она што функционира. Факт е дека моменталниот в. д. директор Русе Арсов е поникнат во МКЦ и најголем дел од неговиот работен век го помина во оваа институција. Неговото искуство и суштинско познавање на независната сцена и култура, неговата отворена и непречена поддршка кон културните работници, како и неговата соработка со успешниот тим на МКЦ се суштествени за продолжувањето на добрата работа на оваа институција“, се вели во писмото до премиерот Заев, меѓу чии потписници се и истакнати уметници како режисерите Слободан Унковски, Владимир Милчин, Ѓорче Ставрески, писателките Румена Бужаровска и Лидија Димковска и други.
Потписниците на писмото велат дека за нов директор на МКЦ ќе биде поставен пејачот Бени Шаќири.
„Да не бидеме сфатени погрешно, ова не е е негативна пропаганда кон господинот Арбен Шаќири, кој деновиве веќе отворено ја прославува новата функција директор на МКЦ. За него имаме максимална почит како музичар кој повеќе децении работи и опстојува во земја како Македонија. Но повеќе од очигледно е дека господинот Шаќири го нема ни оддалеку потребното искуство да раководи со институција која се занимава со комплексните потреби на независната сцена, чиј дел тој не е, ниту пак кога било имал интерес да биде“, стои во писмото на културните работници,
Изборот на директор на МКЦ го врши градоначалникот Петре Шилегов бидејќи оваа културна институција е под надлежност на Градот. За избор на директор Град Скопје во февруари распиша конкурс, но рекоа дека изборот ќе биде направен по завршување на претседателските избори.
Од кабинетот на градоначалникот Шилегов за САКАМДАКАЖАМ.МК кусо рекоа дека сѐ уште не е избран нов директор на МКЦ и дека Комисијата ќе се состане деновиве, по што ќе информираат кој ќе раководи со оваа институција.
Шаќири редовно настапува на изборните кампањи на СДСМ, а последно настапуваше и на митинзите на претседателската кампања на Стево Пендаровски кој беше кандидат на владејачката партија.
Во февруари, кога потврди дека се пријавил на конкурсот, Шаќири категорично ги отфрли шпекулациите дека СДСМ ќе го намести него како директор на МКЦ.
„Немам ниту партиска книшка. И да не бидам избран, јас немам намера да ниту да се жалам ниту да кревам врева околу тоа. Јас сум музичар и јавноста добро ме познава, од фелата сум, не аплицирам за директор на гинекологија“, изјави Шакири за Независен весник.
А. АНТЕВСКА