Случајот „Рекет“ со осомничените Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милески-Кичеец покажува дека правната држава фунционира, одговори премиерот Зоран Заев на новинарска констатација дека „јавноста се смее“ и дека „правосудството е нефункционално“.
„Порано вакви случаи се заташкуваа од моќници, а сега не е така. Затоа сум горд и затоа зборувам дека вака правната држава никогаш не функционирала. Порано за своите се гинеше до крај и се нарачуваа пресуди. Дали јавноста се смее или не ќе покаже процесот“, рече Заев.
На новинарско прашање дали тој е еден од високите функционери со кои се чула специјалната јавна обвинителка како што беше објавено во медиуми, Заев рече дека сѐ и сешто се пишува во медиумите за да биде текстот примамлив за читање.
„Еве ќе ви кажам, јас не сум се чул со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Никој не е виновен додека не се докаже, а Обвинителството треба да го истражи тоа и да кажа дале Јанева е злоупотребена или употребена. Дотогаш ќе ја почитувам презумцијата на невиност“, рече Заев.
Основното јавно обвинителство во понеделник го отвори случајот за рекитирање во кој првоосомничен е шоуменот Бојан Јовановски-Боки 13, а второосомничен бизнисменот Зоран Милески-Кичеец. Првоосомничениот го искористил своето влијание кај јавен обвинител и зел 1,5 милиони евра од лице под истрага за да му ја олесни положбата. Второосомничениот овозможувал средби со лицето под истрага, кое во оваа истрага е сведок. При овие средби, кажа Рускоска, биле побарани 8 милиони евра од сведокот за да се запре кривичната постапка против него, но откако добиле 1,5 милиони евра, тие се посомневале во доверливоста на сведокот и престанале со средбите.
За двајцата по барање на Обвинителството, судија на претходна постапка одреди мерка притвор од 30 дена. Кој е јавниот обвинител од Обвинителството не кажуваат бидејќи како што кажа обвинителката Вилма Русковска сѐ уште во истрагата немаат докази за вмешаност. За двајцата осомничени имаат аудио и видео матријали како докази.
Во понеделникот вечерта беше одземен мобилниот телефон на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која претходно истиот ден си даде оставка со образложение дека не сака да биде алиби за држењето во заложништво на СЈО и европската интегреција на земјава.
А. АНТЕВСКА