Гитаристот со светска кариера Влатко Стефановски на синоќешниот концерт во охридскиот Антички театар порача дека без Охридското Езеро нема да го има ниту градот Охрид ниту Охридско лето, во контекст на последните барања од УНЕСКО да се отстранат дивоградбите кои му го загрозуваат статусот на Охрид како заштитено светско културно и природно наследство. Гитарските мајстори Стефановски и Мирослав Тадиќ од Србија настапија на 59. роденден на фестивалот Охридско лето.
„Се работи за заштита на непроценливото богатство на Охридското Езеро и градот Охрид. Се приклучувам кон сите апели и добра волја за да имаме и Охридско лето, да го имаме Охридското Езеро и да го имаме и Охрид“, рече Стефановски пред полниот Антички театар.
Стефановски и Тадиќ изведоа познати македонски песни како „Јовано, Јованке“, „Калеш бре Анѓо“, „Саноќ седам Трено“, „Македонско девојче“, „Елено ќерко“, а гостинка на концертот беше виолинистката Ивет Џонсон од САД.
„Сум растел заедно со овој фестивал, сум бил многу често во Охрид кога се случувал фестивалот, сум доаѓал од Скопје за да го гледам Рави Шанкар пред 30 години. Tоа што настапувам во Охрид секогаш ми е и предизвик и задоволство и привилегија“, рече Стефановски пред концертот.
Тадиќ кажа дека иако веќе четири децении живее во САД, сепак, неговата уметничка татковина е Македонија.
„Веќе 40 години откако заминав на студии во САД и таму станав професор, најмногу се занимавам со македонска музика. Таа за мене е голема инспирација, голем извор на интересен музички материјал и можам да се пофалам дека генерации студенти од цел свет кои преку мене ја открија македонската музика, многу добро владеат со комплексните македонски ритми и со прекрасните мелодии и хармонии“, рече Тадиќ.
Пред апелот на Стефановски, на 16 јули оперските пејачи Благој Нацоски, Весна Ѓиноска-Илкова, Ирена Кафкалевска и Наде Талевска-Спасовска на Охридско лето во црквата „Св. Софија“ ја изведоа македонската песна „Билјана платно белеше“ како порака за спас на Охрид,
Режисерот со светско реноме и селектор на драмската програма на Охридско лето Александар Поповски, на 12 јули го отвори фестивалот со барање да се отстранат дивоградбите во Охрид, нарекувајќи ги „диво месо“.
Емотивното обраќање на Поповски беше писмо до големиот, неодамна починат македонски драматург Горан Стефановски, а исто така и во контекст на последните барања од УНЕСКО да се отстранат дивоградбите. Поповски во име на уметниците побара Охрид, државата и сите граѓани да отворат фронт кој жестоко ќе се спротивстави на уништувањето, не само на културното и на природното наследство.
Од вкупно 1.076 дивоградби во Охрид, 409 се лоцирани во заштитен појас, односно на крајбрежјето на Охридското Езеро, во потегот на Националниот парк „Галичица” и во стариот дел на градот. Во рамки на оваа вкупна бројка, 82 предмети се однесуваат на урбана опрема, 16 се за времени објекти, 8 за плажи, 80 за куќи, апартмани и сместувачки капацитети, а останатите предмети се за помали интервенции и градежни зафати на објекти, покажа посебниот Регистар на нелегалните градби што го изработи Општина Охрид за нејзината територија, согласно препораките кои беа нотирани од Комитетот за светско наследство на УНЕСКО.
- ЧУВАЈТЕ ГИ ОХРИД И ЕЗЕРОТО, ОПЕРСКИТЕ ПРВЕНЦИ ЈА ПЕЕЈА „БИЛЈАНА ПЛАТНО БЕЛЕШЕ“ ВО ЕДЕН ГЛАС СО ПУБЛИКАТА ВО „СВЕТА СОФИЈА“
- ДА ГИ ОТКОРНЕМЕ ДИВОГРАДБИТЕ КАКО ДИВО МЕСО, РЕЧЕ АЛЕКСАНДАР ПОПОВСКИ И ГО ПОСВЕТИ ОХРИДСКО ЛЕТО НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ
Б. НЕСТОРОСКА