Премиерот Зоран Заев и денеска кажа дека нема никаква поврзаност со случајот „Рекет“ и најави тужба за порталот Инфомакс кој објави скениран документ од исказот во Основното јавно обвинителство на бизнисменот Орце Камчев за рекетирањето од Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милевски- Кичеец. Како што кажа Заев, во текстот врз основа на една страна од записникот се прераскажуваат невистини што е лажна вест и се манипулира јавноста.
„Ќе тужиме затоа што тоа не е точно. Јас неколку пати отфрлав било каква поврзаност со Боки 13 за случајот ‘Рекет‘. Како што видов, има една страна од записник објавено, а потоа се прераскажува, што претставува сериозна манипулација. Тоа е лажна вест. Секогаш ги охрабрувам новинарите да истражуваат, да доловат сѐ што е важно за јавноста, но не да прават манипулации, за тоа има одговорност. Лично јас, а ги повикувам и Радмила Шекеринска, Никола Димитров, Фросина Ременски и сите што се спомнати таму, да поднесеме заедно тужба за клевета и таму да се отворат документите и на јавноста да кажеме дека новинарот кој го објави тој документ лаже,“ рече денеска Заев, одговарајќи на новинарско прашање за објавениот записник на промоцијата на нови еколошки автобуси во Општина Прилеп.
Заев ја повика јавната обвинителка Вилма Русковска да каже дали објавениот документ е веродостоен.
Од Обвинителството утрово соопштија дека откривањето доверливи информации е кривично дело и свен како моментална сензација, не придонесуваат во остварување на каква и да е друга цел и најави дека ќе утврдува како како овие документи се протечени во јавноста и ќе бара одговорност од сторителите.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров со објава на Фејсбук кажа дека е лага тврдењето за негова вмешаност во „Рекет“.
„Барам веднаш ‘Република’ да ја повлече ноторната лага дека сум вмешан во случајот ‘Рекет’ и да ми се извини за одвратната инсинуација во текстот чиј сам наслов нема врска со наводите внатре. Во спротивно, прв пат во животот ќе тужам. Нема да дозволам пропагандата да ме валка во случај со кој јас немам апсолутно никаква врска. Мене сосема ми е јасно дека мојот последен статус разбуди многу духови кои очигледно единствено се плашат од луѓе без дамка криминал во своите кариери и поважно – луѓе подготвени до последно да се борат за правда. Очекувам и пропаганда и нечесна битка и мојот одговор секогаш ќе биде достоинствен, но истовремено и безмилосен кон криминалците и оние кои нив ги штитат преку дефокус и лаги.Влегов во политиката за да го тргнеме срамот од очигледниот криминал и корупција и нема никогаш да престанам во борбата со ова црнило. Овие обиди, напротив, само укажуваат дека сум на правиот пат. Продолжете ноќта да ја нарекувате ден, нема да ви помогне. Реков – да се преброиме. Време е“, објави на својот фејсбук профил министерот Димитров.
А. АНТЕВСКА