НЕ ОТСТАПУВАМЕ ОД ОДЛУКАТА ВАКЦИНАЦИЈАТА ДА БИДЕ ЗАДОЛЖИТЕЛНА ЗА УПИС ВО УЧИЛИШТЕ И ГРАДИНКА, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    НЕ ОТСТАПУВАМЕ ОД ОДЛУКАТА ВАКЦИНАЦИЈАТА ДА БИДЕ ЗАДОЛЖИТЕЛНА ЗА УПИС ВО УЧИЛИШТЕ И ГРАДИНКА, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕМинистерот за здравство Венко Филипче рече дека воведувањето задолжителната вакцинација дала одлични резултати, а минатата недела имало само пет новозаболени од мали сипаници; - Од отворањето на реновираниот пункт за вакцинација во Поликлиника Чаир. (Фото: Министерство за здравство)

    Не отстапуваме од тоа да не се примаат невакцинирани деца во градинките и училиштата, бидејќи вакцинацијата даде добар резултат и бројот на новозаболени од мали сипаници е намален, рече министерот за здравство Венко Филипче на отворањето на реновираниот пункт за вакцинација во Поликлиниката Чаир.

    „Оваа мерка даде одлични резултати. Во Скопје се вакцинирани 99 отсто од децата, а низ земјата над 95 отсто. Бројот на новозаболени е драстично намален. Минатата недела имаше пет новозаболени, од кои четири од Скопје и еден случај од Куманово и сите невакцинирани. Неделава ќе имаме состанок со комисијата за заразани болести да видиме дали треба да се донесе друга препорака, но нема да се смени тоа што го бараме при упис во градинка и училиште“, рече Филипче.

    Тој рече дека слушнал за најавата за тужба од родителите кои не сакаат да ги вакцинираат децата, но потсети дека со нив имале средба кај премиерот Зоран Заев, заедно со министерките за правда Рената Дескоска и за труд и социјална политика Мила Царовска, и кои и покрај тоа што се случува со епидемијата со мали сипаници се против вакцинацијата.

    „Тие до судот доставија и барање да се стави времена мерка за задолжителната вакцинацијата, но таа им беше одбиена. Не отстапуваме од ова, ако не ја донесевме одлуката за задолжителна вакцинација може да замислите колку заболени и починати ќе имаше“, рече Филипче.

    На прашањето дали знае дека во одредени градинки и училишта родителите успеваат да ги запишат децата и невакцинирани и покрај 0оваа одлука, тој рече дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат е на терен и ги проверува и вакциналните картони и уписот на децата.

    Вакциналниот пункт во Поликлиниката Чаир е целосно реновиран, како делот за вакцинација, така и просториите за лекарите и медицинските сестри. Филипче рече дека ова е почеток на реновирање на сите вакцинални пунктови во Здравствен дом Скопје и дека потоа следат вакциналните пунктови во „Јане Сандански“ во Аеродром, Бит Пазар и во Ѓорче Петров.

    „Правиме планови за набавка на мали возила за промоција на патронажната служба, а во Здравствен дом во Скопје се вработени и 20 нови доктори од огласот што го распишавме. Ќе ги реновираме и сите други амбуланти таму каде е најкритично, една од најруинираните е зградата е во Ѓорче Петров и направивме стратегија за целосно реновирање на амбулантата“, рече Филипче.

    Тој кажа дека од минатата недела е воведена и трета смена за снимање на магнетната резонанца во Полииклиника Чаир, каде оваа здравствена услуга ќе се дава до 22.30 часот место до 20 часот како досега.

    Е. БОЧВАРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира