Апелациониот суд Скопје ги потврди сите затворски казни за обидот за убиство на лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села, што им ги изрече Основниот суд Скопје 1 лани. За обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села при организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, судијката Славица Андреевска на 5 јули 2018 во Кривичниот суд на седуммината обвинети им изрече неправосилни затворски казни во вкупно траење од 85 години.
Кире Георгиевски е осуден на 13 години затвор, Андреј Мицов на 10 години и 6 месеци, Никола Војминовски 13 години и 6 месеци, Коста Делов 10 и пол години, Александар Јаневски-Тошта доби 13 години, Оливер Ошавковски 10 години и 6 месеци, Николче Димитриевски на 10 и пол години затвор. Виновни се дека со умисла се обиделе да го убијат Зијадин Села.
Обвинението го поднесе и го застапуваше обвинителот Дарко Јакимовски од Јавното обвинителство Скопје.
Претходно, Стојан Павлевски по признавање на вината беше осуден на 3 години затвор, а Цејо Георгиевски, татко на Кире, на 14-месечна затворска казна. Двајцата беа осудени за насилства, бидејќи од снимките се виде дека немале контакт со оштетениот Села.
Обвинителот Дарко Јакимовски тогаш кажа дека Села е жив, благодарение на тоа што обвинетите биле уверени дека го убиле. Судијката тогаш прочита 15-тина дијагнози, тешки повреди на Села на мозокот, на главата. Со дел од нив Села живее и денес.
С. К. ДЕЛЕВСКА