ДАДОВМЕ ВЕТУВАЊА, СЕГА МОРА ДА ГИ ИСПОЛНИМЕ, АПЕЛИРА ГЕРМАНСКИОТ МИНИСТЕР РОТ ФРАНЦИЈА ДА НЕ ЈА БЛОКИРА МАКЕДОНИЈА ЗА ЕУ

    ДАДОВМЕ ВЕТУВАЊА, СЕГА МОРА ДА ГИ ИСПОЛНИМЕ, АПЕЛИРА ГЕРМАНСКИОТ МИНИСТЕР РОТ ФРАНЦИЈА ДА НЕ ЈА БЛОКИРА МАКЕДОНИЈА ЗА ЕУГерманскиот државен министер Михаел Рот предупредува дека повторното одбивање да се започнат преговорите со Македонија и Албанија ќе испрати катастрофален сигнал во регионот; - Рот со премиерот Зоран Заев за време на неговата посета на Скопје на 10 мај 2018. (Фото: СДК.МК)

    Германската влада апелира до Франција и другите скептични влади во ЕУ да се согласат на почеток на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија. Германскиот државен министер Михаел Рот во интервју за Велт објаснува дека тоа би бил „вистинскиот сигнал“, пренесе Дојче веле.

    „Ќе биде правилен сигнал доколку на 15 октомври во Луксембург дадеме зелено светло за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија“, вели Рот, кој најчесто ја претставува Германија состаноците на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ.

    Тој предупредува дека Европа ќе си го прекрши зборот во однос на Тирана и Скопје.

    „Албанија и Северна Македонија си ги завршија домашните задачи. Тоа мора да се награди. Ние дадовме ветувања, сега мора да ги исполниме“, вели Рот.

    Во спротивно, предупредува Рот, ако Тирана и Скопје повторно бидат одбиени, тоа ќе испрати катастрофален сигнал во регионот. Притоа ќе се остави и „политички вакум“ кој „други земји без двоумење“ ќе го искористат, вели дипломатот алудирајќи на Русија, Кина и Турција.

    Вечерва во Париз се одржува работна вечера на францускиот претседател и германската канцеларка Ангела Меркел. Германската новинска агенција ДПА веќе најави дека Меркел ќе се обиде да го убеди Макрон да попушти за Северна Македонија и Албанија и да се согласи на почеток на преговори. По вечерата не е предвидена изјава на двајцата лидери, па конечниот став на Макрон веројатно ќе се дознае дури на крајот на претстојната работна седмица, на самитот на лидерите на ЕУ во Брисел.

    Според информациите од Брисел, состојбата во пресрет на одлуката дополнително се комплицира поради растечкиот скептицизам на неколку ЕУ членки кон Албанија. Франс Прес пишува дека против почеток на преговорите со Тирана, освен Франција, се и Холандија, Шпанија и Данска.

    Почетокот на преговорите со двете земји веќе на двапати беше одложуван од земјите-членки на ЕУ, секојпат со ветување, дека одлуката ќе биде донесена следниот пат. Франција, која досега беше најгласен противник на проширување, овојпат бара одложување до следната година со забелешки за методологијата и техничките аспекти на процедурата, но и со критики за незавршени реформи до двете земји.

    Ако отпорот против Албанија остане, тогаш големо прашање е дали сите земји членки ќе се согласат на одвојување на двете балкански држави.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира