Младинската организација Сојуз на средношколци на Република Северна Македонија иако постои неполни две години, веќе се зафати со детектирање и решавање на сериозни проблеми кај средношколците. Сознанијата за проблемите ги црпат од непосреден контакт со учениците и преку спроведување анкети. Една од нивните последни активности се истражувањата за присуство на булинг, односно меѓуврсничко насилство во училиштата.
Резултатите ги објавиле јавно, но наместо пофалби за успешно завршената работа, добиле закани од раководствата на училиштата зошто јавно објавуваат вакви резултати.
„Направивме анкета со над 463 ученици од средните училишта во Гостивар и ги прашавме дали има булинг во училиштата. Дури 68 проценти од учениците се изјаснија дека постои булинг и тоа најчесто психичкиот, а присутно е и насилното однесување. Дел од учесниците во анкетата посочија дека се среќава и булинг од некои професори, кои знаат често да ги навредуваат учениците. Овие резултати беа вистинско изненадување за нас како младинска организација. Психолозите и педагозите од училиштата имаат задача да ја спречат оваа појава, но тие само седат во своите канцеларии и ништо не преземаат“, Леутрим Билали, потпретседател на Сојузот на средношколците.
Тој кажа дека со добиените резултати од анкетата излеглее на прес-конференција, а дале и препораки како оваа појава да се намали.
„Но наместо пофалба дека сме укажале на еден сериозен проблем, наидовме на неразбирање од училиштата. Имаше дури и закани од раководствата на некои училишта зошто сме ги презентирале овие резултати во јавност, бидејќи, најверојатно, сакаат да ги прикријат овие состојби. За овие работи често пати сме им укажувале и на професорите и на Министерството за образование, но и од нив секогаш сме добивале строги укори, велејќи ни дека ние не треба да се занимаваме со вакви работи и ни наредуваа повеќе да не го правиме тоа“, вели Билали.
Тој истражува и други проблеми со кои се среќаваат средношколците, како недостатокот од учебници и грешките кои се јавуваат во учебниците и во наставните програми.
„Овој месец работевме на утврдување на недостатоците во учебниците за средно образование. Спроведуваме една онлајн анкета и од досега добиените разултати заклучуваме дека во средното образование недостасуваат многу учебници. Најмногу за четврта година средно медицинско училиште, а нема учебници за одредени предмети и за други средни училишта. Ние од Сојузот на средношколци дури шест пати побаравме средба со министерот за образование Арбор Адеми, но тој ниту еднаш не прифати да одвои барем еден час за нас“, вели Билали.
Кога нема учебници, учениците се снаоѓаат како знаат и умеат, најчесто прават фотокопии од старите учебници или препишуваат цели лекции. Организацијата ги истражува и грешките кои се среќаваат во наставната програма и учебниците.
„Во учебниците по физика и хемија некои термини се среќаваат порано отколку што треба. Големи проблеми има со учебниците на албански јазик. Тие во најголем дел се преведени од македонски јазик. На пример, учебникот по хемија го преведувал некој кој немал поим од хемија и се среќаваме со многу погрешни термини“, надополнува Ана Андрееска, потпретседател на гостиварскиот огранок на Сојузот на средношколци.
Гостиварските млади реагираат и на сѐ поголемото мешање на политиката во образованието.
„Минатата година, поради партиски препукувања помеѓу власта и опозицијата, за само два месеца шест пати имаше промена на директорот на гостиварската гимназија. И во другите училишта имаше слични примери, а на овој начин се менуваа и професорите. Во еден месец ни се сменија тројца професори и сега се прашуваме како тие професори ќе нѐ оценуваат?“, вели Андрееска.
З. АНДОНОВ