Триесетина дрвја паднале синоќа по врнежите од снег кои го зафатија Скопје. Од ЈП „Паркови и зеленило“ велат дека ноќеска реагирале на околу 20 локации, а утрово имале уште десетина повици од граѓани.
„Станува збор за здрави дрвја, кои не се во програмата за отстанување поради старост или болест. Сите екипи се на терен и интервенираат. Има и штети, дел од дрвјата се паднати врз возила, но нема повредени граѓани“, вели директорот на ЈП „Паркови и зеленило“ Ардијан Муча.
Град Скопје утрово соопшти дека екипите на зимската служба со 16 возила цела ноќ работеле на терен и сите булевари и улици кои се во нивна надлежност се чисти.
„Градските автобуси на ЈСП сообраќаат на сите линии и сообраќајот се одвива нормално и без никаков прекин. Во текот на денешниот ден екипите на зимската служба ќе продолжат да работат на терен, а истовремено ќе ја следат состојбата и ќе интервенираат според потребите согласно со условите на теренот. Во тек е чистењето на тротоарите“, велат од Град Скопје.
А. АНТЕВСКА