47 ВРАБОТЕНИ ВО СЕКТОРОТ ЗА ДАНОЦИ НА ГРАД СКОПЈЕ НЕ ОДАТ НА РАБОТА, ШИЛЕГОВ ВЕЛИ СЕ МОЖЕ И БЕЗ ОНИЕ КОИ ГИ КОРИСТАТ КОВИД МЕРКИТЕ ЗА СЕДЕЊЕ ДОМА

    47 ВРАБОТЕНИ ВО СЕКТОРОТ ЗА ДАНОЦИ НА ГРАД СКОПЈЕ НЕ ОДАТ НА РАБОТА, ШИЛЕГОВ ВЕЛИ СЕ МОЖЕ И БЕЗ ОНИЕ КОИ ГИ КОРИСТАТ КОВИД МЕРКИТЕ ЗА СЕДЕЊЕ ДОМАРаботиме на тоа до Нова година да обезбедиме дигитална комуникација меѓу институцијата и граѓаните оти во овој момент немаме валидно законско решение кое ќе овозможи граѓаните документите да ги добијат дигитално, вели градоначалникот Петре Шилегов. (Фото: СДК.МК)

    Изминативе 6 месеци, 47 вработени во даночниот сектор во Град Скопје ги користат мерките на Владата за заштита од ковид-19 и не одат на работа. Поради тоа, граѓаните од почетокот на пандемијата на ковид-19 досега се мачат да ги добијат потребни услуги од даночното одделение, а на телефонските броеви оставени за контакт на веб-страната на Град Скопје никој не се јавува.

    Градоначалникот Петре Шилегов вели дека Градот во моментов има пониско ниво на услуги од она што треба да го да дадат на граѓаните, поради тоа што 47 административци ги користат мерките на Владата.

    „Работиме на тоа до Нова година да обезбедиме дигитална комуникација меѓу институцијата и граѓаните. Ние во овој момент немаме валидно законско решение кое ќе овозможи граѓаните документите да ги добијат дигитално. На пример, решенијата за данок на имот што секоја година се испраќаат по пошта, не може онлајн да се издадат“, вели Шилегов.

    Откако беше воведена мерката на Владата родителите на деца до 10 години и хронично болните да бидат ослободени од одење на работа, веќе шест месеци преполовена е и администрацијата на Градот. Шилегов вели дека тоа покажало оти и без овие луѓе Град Скопје може да функционира.

    „Градот може да функционира и со помал број вработени, но прописите се такви, треба сериозни постапки да водите за да го рационализирате работењето на државата администрација. Тоа што голем број  вработени ги користат мерки на Владата и не се на работа, а ги плаќаме, покажа дека Градот и без тие луѓе може да фунционира. Јас очекувам како полека ќе се укинуваат мерките, ќе почне спроведување на политиката на намалување на државната администрација за 20 проценти. Градот ќе може да даде сериозна анализа, која веќе ја работиме, за определени сектори каде имаме поголем број на вработени од потребното“, вели Шилегов.

    Владата вчера одлучи од 23 септември да се вратат на работа мајките кои беа на продолжено породилно отсуство, како и родителите на деца до 10 години, без разлика дали децата ќе учат онлајн или со физичко присуство. Исто така, од 23 септември на работа се враќаат и вработените кои се ослободени од работа врз основа на утврдената листа на хронични болести. Исклучок од ова ќе бидат само пациенти кај кои болеста е во фаза на влошување и оние со малигна болест, за кои ќе биде дадена потврда со наод и мислење од лекар специјалист, врз основа на која тие ќе користат боледување согласно соодветниот правилник од Фондот за здравствено осигурување.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира