АРХИТЕКТИ И ГРАЃАНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ БАРААТ ЗАЕВ ДА ГО СТOПИРА ГРАДЕЊЕТО 20-КАТНИЦИ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“ И ДА СЕ РАСПИШЕ КОНКУРС ЗА ПРОСТОРОТ

    АРХИТЕКТИ И ГРАЃАНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ БАРААТ ЗАЕВ ДА ГО СТOПИРА ГРАДЕЊЕТО 20-КАТНИЦИ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“ И ДА СЕ РАСПИШЕ КОНКУРС ЗА ПРОСТОРОТГраѓанските организации велат дека со молчењето на Владата и покрај бројните реакции на јавноста, се создава впечаток дека не се почитува интересот на граѓаните, ниту пак стручното мислење. (Фото: МГ Фешн)

    Архитекти, професори и граѓански организации побараа од премиерот Зоран Заев да се суспендира Деталниот урбанистички план (ДУП) за просторот кај „Холидеј ин“ во најстрогиот центар на Скопје и да се распише конкурс на кој ќе се предложи какви содржини ќе се градат на целата парцела. Писмото следува откако фирмата „МГ Фешн“ и Македонската православна црква платија комуналии за градба на Град Скопје и Општина Центар во висина од 2,4 милиони евра и сега слободно можат да градат оти веќе на сила не е мораториумот кој го укина Уставен суд.

    „Тргнувајќи од јавниот интерес како врвен принцип на водење и практикување политика, ве повикуваме како премиер, Владата и сите надлежни институции, во најитен можен рок јавно да се произнесете и да покажете суштинска волја за борба против урбанистичкото дивеење и распродавањето на јавниот интерес, односно воспоставувајќи систем на владеење на правото, а во врска со Деталните урбанистички планови (ДУП) во Скопје. Бараме Владата да ја поддржи суспензијата од Општина Центар за ревидирање на ДУП ЦО8 односно за просторот кај ‘Холидеј ин‘ како и сите други планови кои со стручна анализа се докажани како неусогласени со Генералниот урбанистички план (ГУП), а со тоа се погубни за центарот на Скопје и за граѓаните. Министерството за транспорт и врски и Градот Скопје да се произнесат и да се обврзат дека нема да издадат согласности за планови кои не се усогласени со ГУП, со Уставот, како и со законите “, се вели во писмото од 30 организации и поединци до премиерот Зоран Заев.

    Граѓанските организации велат дека со молчењето на Владата и покрај бројните реакции на јавноста, се создава впечаток дека не се почитува интересот на граѓаните, ниту пак стручното мислење.

    На една од трите градежни парцели кај „Холидеј ин“, според денешната презентација на инвеститорот „МГ Фешн“, ќе се градат две станбени згради од 20 и 22 ката, со 400 станови и 1.200 жители. Третата зграда ќе биде деловен центар со 16 ката. За инвеститорот нема ништо спорно во овој проект кој го сметаат за модерен центар кој ќе биде гордост на Скопје.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира