АРСОВСКА ДА ГО ПОПРАВИ МОСТОТ „БЕЛАСИЦА“, ГРАЃАНИТЕ НЕ СЕ ДОЛЖНИ ДА ПЛАЌААТ ПОСКАПО ПАРНО ОТИ ТОПЛОВОДОТ НЕ Е ВО ФУНКЦИЈА, ВЕЛИ БИСЛИМОСКИ

    АРСОВСКА ДА ГО ПОПРАВИ МОСТОТ „БЕЛАСИЦА“, ГРАЃАНИТЕ НЕ СЕ ДОЛЖНИ ДА ПЛАЌААТ ПОСКАПО ПАРНО ОТИ ТОПЛОВОДОТ НЕ Е ВО ФУНКЦИЈА, ВЕЛИ БИСЛИМОСКИЕСМ ги отстрани оштетените цевки, но не може да стави нови оти чека да се заврши санацијата на мостот. (Фото: СДК.МК)

    Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски ја повикува градоначалничката Данела Арсовска да се фати за работа и да го санира мостот „Беласица“  каде поминува главата топловодна мрежа за Скопје. Бислимоски за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека ЕСМ ги отстранила оштетените цевки, но нови не можат да стават бидејќи се чека санацијата на мостот.

    „Нема да дозволиме скопјани да останат без парно. Мостот „Беласица“ освен што е витален сообраќаен објект што ја поврзува градската мрежа, исто така е и клучен инфратструктурен дел, под чија конструкција поминува главната топловодна мрежа. Пред четири месеци апелирав да се санира проблемот и тогаш реков дека не сакам да слушам изговори. Имаа четири месеци како знаат и умеат топловод да го вратат во нормала топловодот и да функционира. Кој ќе ги плати зголемените трошоци ако топловодот не е во функција? Граѓаните сигурно не. Политичкиот капацитет подразбира прагма во решавање на круцијалните потреби на граѓаните, а не саботирање“, вели Бислимоски.

    Од ЕСМ Енергетика велат дека чекаат Град Скопје да го заврши мостот, па да стават нови цевки. Не знаат кога ќе почне санацијата бидејќи никој не ги информирал.

    „И да не се санира мостот до почеток на грајната сезона скопјани нема да останат без парно, бидејќи има алтернативен начин на дистрибуција на топлинската енергија“, велат од ЕСМ.

    Мостот „Беласица“ беше опожарен на 12 мај годинава и од тогаш е затворен за сообраќај и пешаци. Град Скопје уште не почнал со санација ниту градоначалничката Арсовска кажува кога оваа значајна сообраќајница ќе биде пуштена во употреба.

    Експертизата за мостот, која ја правеше професорот Михаил Гаревски од приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени, е завршена и предадена на Град Скопје пред два месеца. Таа покажува дека мостот нема сериозни оштетувања, не се оштетени каблите за преднапрегање и потребна е лесна санација, која би траела околу еден месец.

    На ваквите резултати на Гаревски реагираа домашни и странски експерти за градежништво и мостоградба, кои сметаат дека не се соодветно направени испитувањата.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира