Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска треба да добие кривична пријава затоа што незаконски ги поставила в. д. директорите на Зоолошка градина и на Младински културен центар (МКЦ), Драган Илиевски и Никола Алексов, смета Антикорупциската комисија. На денешната седница на Комисијата се разгледуваа назначувањата на в. д. директорите на овие две инстутиции кои се под надлежност на Град Скопје. Беше кажано дека член 31 од Законот за култура предвидува именување в.д. директори од редот на вработените во тие установи и со мандат од само 6 месеци. Но, Арсовска постапила спротивно од законот и Илиевски и Алексов се поставени на функцијата иако немале ниту еден ден стаж во институцијата.
Како што кажа претседателката на Антикорупциска комисија Билјана Ивановска, бараат од Јавното обвинителство да поведе постапка за кривично гонење на Арсовска поради сомневање за сторено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“,
Алексов, кој е детектив по професија, беше поставен на функцијата в. д. на МКЦ во јануари годинава, а вработените, соработниците и културната јавност со протести беа против неговото назначување.
Илиевски, кој сега е в. д. директор на ЈП „Водовод и канализација“, беше назначен за в. д. на Зоолошка лани во август, откако тогашниот в. д. директор Кристијан Стаменов беше сменет оти беа заклани 15 коњи во градината. Во јануари годинава, Арсовска го прати Илиевски да биде директор во ЈП „Водовод и канализација“, а на негово место го стави Зоран Попов кој дојде во Зоолошката заедно со Илиевски. Во моментов, договорот на Попов му е истечен, но Арсовска уште не му го продолжила, а не е назнечен ниту нов директор.
А. АНТЕВСКА