БАРАМЕ ДА НЀ ВРАТИТЕ НА УЧИЛИШТЕ, ПА ЌЕ РАЗГОВАРАМЕ, Ѝ ПИШАА НА ЦАРОВСКА СТРУШКИТЕ СРЕДНОШКОЛЦИ КОИ ПРОТЕСТИРААТ ПРОТИВ ОНЛАЈН НАСТАВА

    БАРАМЕ ДА НЀ ВРАТИТЕ НА УЧИЛИШТЕ, ПА ЌЕ РАЗГОВАРАМЕ, Ѝ ПИШАА НА ЦАРОВСКА СТРУШКИТЕ СРЕДНОШКОЛЦИ КОИ ПРОТЕСТИРААТ ПРОТИВ ОНЛАЈН НАСТАВАГимназијалците од двете средни училишта во Струга, „Нико Нестор“ и „Ибраим Темо“ Струга со бојкот ја започнаа учебната година. Македонските средношколци попуштија и започнаа да учат од далечина, но албанските остануваат на ставот да добијат дозвола за настава со физичко присуство. (Фото: Фејсбук)

    Струшките средношколци преку писмо ѝ одговорија на министерката за образование и наука Мила Царовска, која изминатиот викенд најави дека ќе има санкции за училиштата кои образовниот процес ќе го почнат со физичко присуство без дозвола, а оние кои ја бојкотираат онлајн наставата изгубените часови ќе мора да ги надокнадат во текот на летото.

    Здравствените и образовните власти во земјава апелираат училиштата и учениците да ги почитуваат препораките на Комисијата за заразни болести и одлуката на владината комисија за начинот на одржување на наставата, откако беа најавени бојкоти на онлајн наставата низ земјава.

    Минатата недела, откако директорот на Гимназијата во Дебар Рамадан Имери кажа дека ќе почнат со настава со физичко присуство, спротивно на одлуката на Комисијата, Царовска рече дека постојат можности за санкционирање согласно законот.

    „Ве молиме да нѐ разберете, затоа што ние не се закануваме, како Вас. Сакаме да Ви докажеме дека бојкотираат учениците. Од 250.000 ученици, само 88.000 се вклучени на ‘формалната’ платформа, 40.000 од нив немаат услови, а останатите бојкотират. Би се чувствувале ценети ако прво ги исполните нашите услови, после да разговаравме“, стои во дел од писмото од учениците испратено до министерката Царовска.

    Општина Струга ги поддржува учениците во барањата. Од таму сметаат дека струшките училишта ги исполнуваат здравствените протоколи за настава со физичко присуство.

    Од Одборот за бојкот бараат разбирање од Министерството за образование и наука (МОН ) бидејќи, како што велат, мислењето на учениците е важно затоа што биле мнозинство. Немале сите компјутери а некои села биле без струја и интернет. Платформата пак, според нив, имала слабости.

    „Владата ги затвори училиштата а градските кафани се преполни со луѓе. Ги затвораат училиштата, а летово илјадници луѓе одеа на плажа во Струга и Охрид. Ние разбираме дека државата се грижи за економијата, но зарем не заслужува грижа и образованието. Од март до октомври поминаа 8 месеци и во овој период, Владата и МОН наместо да создадат услови за квалитетно образование, тие во две недели направија една неуспешна платформа. Ние бараме враќање на училиште, ќе бојкотираме се додека не добиеме дозвола“, велат средношколците од Одборот за бојкот.

    Гимназијалците од двете средни училишта во Струга, „Нико Нестор“ и „Ибраим Темо“ Струга со бојкот ја започнаа учебната година. Македонските средношколци попуштија и започнаа да учат од далечина, но албанските остануваат на ставот да добијат дозвола за настава со физичко присуство.

    Средношколците од Тетово за утре најавија протест против онлајн наставата, од пред тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ до плоштадот „Илирија“.

    На прашањето дали ќе мора да се одработуваат часови поради бојкотот на наставата, Царовска неодамна рече дека нема никаде целосен бојкот, туку е бојкот на поедени ученици, и доколку се појават недостатоци, ќе се договорат со Бирото за развој на образованието дали да се надоместат во текот на летото.

    Од МОН денес соопштија дека од почетокот на учебната година на 1 октомври, бројот на учениците коишто следат онлајн настава е зголемен за околу 10 отсто.

    „За неполна недела околу 80 отсто  од учениците во средните и основните училишта успешно се приклучија кон онлајн наставата, а овој процент од стартот на годината постојано се зголемува. Останатите, ученици и наставници во основно и средно образование, пријавиле дека имаат тешкотии при вклучувањето во онлајн наставата, а како најчеста причина ги посочуваат – лошата интернет конекција или немањето уреди“, вели МОН.

    Оттаму сметаат дека моделот за онлајн настава се покажа функционален и успешен, а наставниците и учениците се задоволни од тоа како се одвива наставата од далечина.

    „Апелираме до сите оние кои ја бојкотираат наставата дека секој изгубен ден од учењето е на директна штета на децата. Сите ученици мора да ја почнат учебната година и најважно од сѐ е образовниот процес да продолжи“, вели МОН.

    Над 98 отсто од учениците од 1-3 одделение следат настава со физичко присуство во училиштата, а нешто помалку од 2 проценти учат од далечина. За учениците коишто немаат уреди за онлајн учење, а сепак треба да учат на далечина се емитуваат 15-минутни часови на телевизија преку три канали на Македонската радиотелевизија (МРТ).

    С. ВРЕНЦОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира