„БЕТОН“ ГО ТУЖИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ЗА ДОЛГ ЗА СПОМЕНИКОТ НА МАЈКА ТЕРЕЗА, ДИВОГРАДБАТА И ПОНАТАМУ НЕ СЕ УРИВА

    „БЕТОН“ ГО ТУЖИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ЗА ДОЛГ ЗА СПОМЕНИКОТ НА МАЈКА ТЕРЕЗА, ДИВОГРАДБАТА И ПОНАТАМУ НЕ СЕ УРИВАГрадежната фирма по судски пат си ги бара парите за кои е склучен договорот со мината власт, откако градежните работи на споменикот беа стопирани. (Фото: СДК.МК)

    Градежната фирма „Бетон“ го тужи Министерството за култура за неисплатени побарувања од околу 4 милиони евра за споменикот на Мајка Тереза во најстрогиот центар на Скопје. Градежната фирма по судски пат си ги бара  парите за кои е склучен договорот со мината власт, откако градежните работи на споменикот беа стопирани. Градбата на дивоградбата, која се наоѓа среде улица и го блокира и влезот на Плоштадот Македонија, е стопирана пет години, но власта нема храброст да ја урне и покрај барањата на стручната јавност.

    Од Министерството за култура за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдуваат дека се води судски спор со АД „Бетон“ за споменикот на Мајка Тереза.

    „Од причини што веќе е поведен судски спор, во оваа фаза не може да се прецизира колку финансиски средства и дали Министерството должи на АД ‘Бетон‘. Од реализацијата на договорот настанати се отворени побарувања и на двете договорни страни, односно и Министерството за култура има предјавено свои побарувања. Во судската постапка по завршувањето на спорот од страна на судот ќе биде утврден исходот на постапката“, велат од Министерството за култура.

    На нашето прашање зошто уште се дозволува дивоградбата на стои на Плоштадот и не се урива, од Министерството за култура велат дека тие се инвеститори, но Општина Центар има надлежност врз планирањето, дозволите за градење како и прогласување на дивоградби и постапување по нив.

    „Сите сме веќе изморени и нервозни од тоа непрестано лоцирање чија е надлежноста и одговорноста. Очигледен е фактот дека споменикот на Мајка Тереза е буквално среде улица. Мислиме дека овој објект треба да биде демонтиран“, велат од Министерството за култура.

    Споменикот на Мајка Тереза беше најавен како донација на фирмата „Сахара Индија“, сопственост на контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој. Тој заедно со тогашниот премиер Никола Груевски во јануари 2013 го најавија проектот отворајќи ја спомен-плочата на Мајка Тереза на Плоштадот Македонија, на местото каде ќе се гради споменикот. Откако Рој отиде во затвор оти не платил оштета на измамени инвеститори во Индија, Владата на Груевски преку Министерството за култура и тогашната министерка Елизабета Канческа-Милевска го презеде проектот. Официјалниот старт на градежните работи беше во октомври 2015, а вредноста на договорот за негова изградба е 5,5, милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира