„БЕТОН – ШТИП“, ШТО ГО ГРАДЕШЕ СКОПЈЕ 2014 ЗА 55 МИЛИОНИ ЕВРА, ОСТАНА БЕЗ ДОГОВОР ЗА ШТИПСКИОТ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР И БЕЗ ПЛАТИ И К-15 ЗА РАБОТНИЦИТЕ

    „БЕТОН – ШТИП“, ШТО ГО ГРАДЕШЕ СКОПЈЕ 2014 ЗА 55 МИЛИОНИ ЕВРА, ОСТАНА БЕЗ ДОГОВОР ЗА ШТИПСКИОТ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР И БЕЗ ПЛАТИ И К-15 ЗА РАБОТНИЦИТЕДел од работниците заминале на работа во други градежни фирми, а поголем дел во грчката компанија „Интракат“ која е изведувач на новиот Клинички центар во Штип, каде „Бетон“ беше подизведувач но договорот е раскинат (Фото: СДК.МК)

    Околу 250 работници од некогаш реномираната градежна фирма „Бетон – Штип“ почнаа масовно да го напуштаат претпријатието и истовремено преку суд да ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци и К-15 за оваа година. Повеќе работници на „Бетон“ деновиве ја посетуваат трудовата инспекција во Штип и пријавуваат дека не зеле К-15, а речиси сите веќе почнале да поднесуваат до судот тужби со побарувања за неисплатени плати.

    Истовремено, дел од работниците заминале на работа во други градежни фирми, а поголем дел во грчката компанија „Интракат“ која е изведувач на новиот Клинички центар во Штип, а каде „Бетон“ беше подизведувач.

    „’Интракат’ еднострано го прекина договорот што требаше да биде продолжен при крајот на минатата година. Бетон поради тоа губи 2,5 милиони евра. Грчката фирма ја дадовме на суд затоа што ни направи огромни загуби, поради што не сме исплатиле за 4 месеци плата како и други принадлежности на вработените, кои почнаа да ја напуштаат нашата фирма“, вели управителот на „Бетон“ Ване Мијалчев, кој нагласува дека од 250 работници сега останале само со педесетина.

    Од „Интракат“ потврдуваат дека пред извесно време бил раскинат договорот со „Бетон“ како подизведувач на новиот Клинички центар во Штип.

    „Работници на ‘Бетон’ почнаа да си ги повлекуваат своите контејнери, алат и материјали од Клиничкиот центар во изградба. Но, ‘Интракат’ продолжува со проектот“, вели преставникот на грчката фирма Атанасие Парисисто.

    Градежните работи на Клиничката болница се извршени се извршени со 70 проценти, а министерот за здравство Венко Филипче очекува да се предаде во употреба во 2020 (Фото: СДК.МК)

    Тој не открива детали како и со кого ќе продолжи изградбата на Клиничкиот центар во Штип кој требаше да биде предаден во употреба пред една година. Министерот за здравство Венко Филипче пред неколку месеци во Штип најави дека, со оглед на случувањата околу изградбата и недоразбирањата меѓу договорените страни, новиот Клинички центар ќе биде предаден во употреба во 2020.

    Стечајни судии во Основнот суд во Штип денеска потврдија дека за „Бетон“ уште не е покрената стечајна постапка, но оваа фирма веќе била тужена од десетина фирми кои како кооперанти во проектот Скопје 2014 работеле за „Бетон“ и од ова друштво побарувале над 100 милиони денари. Првите пресуди биле во корист на побарувачите, па стечајните експерти не ја исклучуваат веројатноста за „Бетон“ да се покрене и стечајна постапка.

    Според истражувањето на БИРН, „Бетон Штип“ има работено како изведувач на седум објекти од проектот „Скопје 2014“ за вкупна вредност од 55 милиони евра. Најголеми договори има склучено со државата за ФИНКИ – 12.804.035 евра, МЕПСО – 10.579.065 евра и за заедничката зграда на Уставен суд, Државен архив и Археолошки музеј – 9.064.807 евра.

    „Бетон – Штип“ е замешан во предметот на СЈО „Тендери“ против поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска, која е обвинета за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања за местење тендер. Според воведните зборови на СЈО на судењето, поранешниот генерален директор на „Бетон – Штип“ Илија Бреслиски во улога на сведок тврди дека обвинетата Канческа-Милевска како министерка за култура во 2011 му кажала градежната компанија да ги изведе сите градежни работи пред Музејот на ВМРО и да не го чека тендерот, бидејќи средила да го добие неговата компанија.

    Според првичната документација на централните регистри и брокерските куќи, сопственици на „Бетон“ станале компаниите ТИМ ДОО Скопје со 8150 акции и со право на глас од 19, 50 % , Орка Холдинг АД Скопје со 7.101 акција и со право на глас од 16, 99 %, Езимит ДООЕЛ Штип со 6.611 акции и со право на глас од 15. 81 %, ДПТИ Ексико ДООЕЛ Скопје со 6.000 акции и право на глас од 14, 35 % . Членови на Одборот на директори биле сопственикот на винаријата „ Езимит“ Зоранчо Митровски од Штип како претседател и извршните членови Ванчо Мијалчев, градоначалник на Пробиштип од 1996-2000, генерален директор на Злетовица од 2001-2003 и претседател на Одборот на директори при рудниците Злетово од 2000-2002, кој сега е и официјален управител на „Бетон – Штип“.

    Извршни членови уште биле и Валентина Димовска, директор за технички прашања на Клиничката болница Систина од 2012, и охриѓанецот Цветан Панделески кој бил во одборот на директори во ЗК Пелагонија во Битола, акционер во Лозар Пелистерка АД Скопје и во Стопанска банка Битола за кого СЈО заедно со Орце Камчев, Мијалков и други лани ја покрена истражнтата постапка „Империја“.

    Сопственичката структура пред неколку месеци претрпела измени, па меѓу членовите на одборот на директори веќе не е сопственикот на „Езимит“ Зоранчо Митровски, кој своите акции ги преотсапил на друго правно лице застапувано од еден познат адвокат од Штип.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира