Битола за првпат од појавата на пандемијата со ковид-19, вчера се искачи на врвот на табелата со градови од внатрешноста по број на новозаболени лица на дневна основа. Со 57 нови случаи, изби веднаш после Скопје, претекнувајќи ги и градовите кои во изминатиот период дневно имаа бројки двојно повисоки од Битола, како што се Прилеп, Куманово, Тетово и други.
За првите шест дена од овој месец во Битола беа евидентирани 248 заболени и девет смртни случаи, од кои најмладиот на возраст од 44 години. Бројката особено порасна откако коронавирусот го зафати и хосписот „Сју Рајдер“ во Битола каде 47 пациенти се позитивни на ковид-19 и 19 вработени, од кои поголемиот дел се асимптоматски случаи.
Не е мал бројот на компании и институции каде има заразени, што повлече и голем број на лица во изолација. Има и заболени директори на установи. Меѓу заболените има и матични лекари, кои пациентите ги упатуваат кај замената, па доаѓа до оптовареност на лекарите.
Воедно, иако бројките се загрижувачки, низ градот можат да се забележат недисциплинирани граѓани кои не носат маски или ако ги носат ја спуштаат под нос или брада. Има маркети каде ни продавачите не носат маски, па и купувачите влегуваат незаштитени. Во дел од големите маркети иако се означени места за чекање, купувачите застануваат еден крај друг.
Преку ден повеќето кафулиња на Широк Сокак се полни со гости. Дел веќе го преградија и затворија просторот за пушачи, па внатре настанува метеж. Но, има и кафулиња кои одлучија пред влезовите масите да ги остават на отворено за да се минимализира опасноста од зараза.
Градоначалничката Наташа Петровска се сретна со претставници од Штабот за заштита и спасување, на кој се разговараше за моменталната состојба со вирусот. Тие порачаа дека од исклучителна важност е одговорното однесување на секој поединец, а тоа е носењето на заштитна маска, физичката и социјалната дистанца и зголемената лична хигиена.
„Во овие моменти, кога дополнително се појавуваат и настинки и сезонски грип, почитувањето на заштитните мерки е лична заштита на секој поединец, но и заштита на неговото семејство, неговите роднини, пријатели, колеги, соработници и целото општество. Повеќе од важно е, секој од нас, да се однесува свесно и совесно, зошто на тој начин ќе дадеме поддршка на здравствениот систем, но и ќе спречиме појава на сериозни, несакани и тешки последици“, порачаа од Штабот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА