БИТОЛЧАНИ СНИМИЈА ПЕСНА ЗА СОГРАЃАНИТЕ КОИ УМРЕА ОД РАК ПОРАДИ ЗАГАДЕНИОТ ВОЗДУХ

    БИТОЛЧАНИ СНИМИЈА ПЕСНА ЗА СОГРАЃАНИТЕ КОИ УМРЕА ОД РАК ПОРАДИ ЗАГАДЕНИОТ ВОЗДУХЛани во Битола имало 1.625 болни од рак, што е за 600 повеќе од 2014. Веќе не е тајна дека еден од предизвикувачите на болеста е загадениот воздух, во кој градот се гуши особено во зима (Фото: СДК.МК)

    „Другар ми умре ненадејно, во градот е сѐ позагадено, а се немаше никому продадено“, е еден од стиховите на песната „Умре од рак“, напишана и испејана од група битолски активисти за почист воздух. Иако создадена пред две години, песната за првпат промотивно беше пуштена на Јутјуб на 4 ноември, Денот на ослободувањето на Битола, што тогаш се совпадна со Задушница, па како што велат авторите, ја објавиле во спомен на сите битолчани кои починале од рак.

    „Песната е направена во една тензична атмосфера, сосема случајно, за 15-ина минути, некаде во јануари 2016, инспирирани од она што нѝ се случува низ годините. Таа е некаков израз на гнев, револт, но и жал за сѐ она што им се случува на Битола и на нејзините граѓани. Посветена е на Битола од едни дечки кои се залагаа за подобар живот во неа“, напиша на Фејсбук Илија Балтовски, активист на здружението „За нас се работи“ и главен вокал во песната.

    „Умре од рак“ ја покажува тажната судбина на Битола, полна со болни од рак, а, сепак, сѐ попразна поради иселеничкиот бран. Минатата година, во Битола имало 1.625 болни од рак, што е за 600 повеќе од 2014. Најзагрижувачки податок е тоа што меѓу нив има и мали деца.

    „Ноќ е, а градот пустелија, станавме класична мизерија, илјадници луѓе се иселија, а јас гледам плукачи, викачи, теоретичари, аналитичари и политичари. Јас сум сам во мојот град“. „Луѓе во црно насобрани, наелектризирани како громобрани, умре од рак во својот град, останав сам во својот град“, за да го пренесе крикот – не можам повеќе со ваква иднина, мора да постои подобра судбина“, велат стиховите.

    „Жалам за сите кои заминаа и за оние кои се борат со оваа чума! Песната ја објавивме во јавност во чест на Битола и на сите прерано починати“, вели Дуле Груевски од здружението „За нас се работи“.

    Песната беше снимена во студиото на Ристо Крстевски, кој е пратечки вокал, а учествуваат и членовите на „Рокенролерс“. Целиот пакет беше финализиран во студиото на битолчанецот Зоран Грујовски во Хамбург.

    Статистиките на здравствените организации покажуваат дека Пелагонискиот регион предничи во бројот на починати од рак. Според Институтот за јавно здравје, во 2014 во Пелагонискиот Регион умреле 498 болни од рак, во Вардарскиот и во Југозападниот 298, а во Источниот 355.

    Веќе не е тајна дека еден од предизвикувачите на болеста е загадениот воздух, во кој Битола се гуши особено во зима. Нема организирано парно греење, повеќето домаќинства се греат на тврдо гориво, а институциите на мазут. Сето тоа го загадува воздухот, а во близина на градот е и РЕК „Битола“, каде што научните истражувања покажаа дека прашината од пепелта што се одлага е канцерогена и потребни се нови филтри да ја намалат емисијата на ПМ 10 честичките.

    На интернет страницата на Министерството за животна средина е објавено дека и на 8 ноември двете мерни станици регистрирале зголемени концентрации на суспендирани честички во Битола. Од 35 дозволени денови за пречекорување на граничните вредности, Битола досега ги има 95.

    Од ЕЛЕМ неодамна соопштија дека ќе започнат со постапка на десулфуризација, редовни ремонти на блоковите, правилно постапување при одлагањето на пепелта и со ремонт на електростатските филтри, со што значително ќе треба да се подобри квалитетот на воздухот и на почвата во Битолско.

    Воедно, од независната иницијатива „Поинаку“ бараат да биде донесен закон за РЕК, кој ќе предвиди промена на филтрите во комбинатот, преместување на седиштето на ЕЛЕМ од Скопје во Битола, субвенционирање на цената на потрошената електрична енергија за граѓаните од Општина Битола и друго.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира