БИТОЛЧАНИ ЗА СКОПЈЕ СО ВОЗ ПАТУВААТ ПО ЧЕТИРИ ЧАСА, А ВЛАСТА ИМ ВЕТУВАШЕ И АЕРОДРОМ

    БИТОЛЧАНИ ЗА СКОПЈЕ СО ВОЗ ПАТУВААТ ПО ЧЕТИРИ ЧАСА, А ВЛАСТА ИМ ВЕТУВАШЕ И АЕРОДРОМОд Битола за Скопје нема брз воз, денес на оваа релација од 175 км сообраќаат само патнички возови, а патувањата траат по три и пол до четири часа, ако има дефект и подолго (Фото: СДК.МК)

    Битолчани до денес требаше со авиони да летаат низ регионот, но реалноста е дека сѐ уште патуваат по четири часа до Скопје. Точно пред пет години, на неколку месеци пред локалните избори и пред својот трет мандат, битолскиот градоначалник Владимир Талески рече дека се планира отворање на патнички аеродром во Битола.

    „Тоа не е луксуз, туку потреба да имаме аеродромот од Ц категорија, кој ќе служи за превоз на патници во регионот, Европа и пошироко. Би имале патници од Пелагониско, Лерин и околните градови на кои им е далеку да патуваат до Солун. Тоа се 400.000 потенцијални патници. Битолскиот крај е најпечалбарскиот, па имаме потенцијално можност да ја привлечеме нашата дијаспора“, рече Талески.

    Пет години подоцна, пред распишувањето на новите локални избори, Битола нема патнички аеродром, битолчани бавно стигнуваат до Скопје, а не пак до другите метрополи во регионот и пошироко. Од Битола за Скопје нема брз воз, иако пред една година кога се пуштија новите кинески возови се најави дека патувањето ќе трае пократко за половина час. Денес на оваа релација од 175 км сообраќаат само патнички возови, а патувањата траат по три и пол до четири часа, ако има дефект и подолго. Поради планинскиот превој Пелтвар и патувањето со автобус трае со часови. Ако се пресмета вкупно поминатото време од Битола до Скопје и назад, тоа се девет до десет часа или скоро половина ден.

    Од Битола за Скопје нема брз воз, денес на оваа релација од 175 км сообраќаат само патнички возови, а патувањата траат по три и пол до четири часа, ако има дефект и подолго – Спортскиот аеродром(Фото: СДК.МК)

    Долгите патувања до Скопје како патешествија ги искусуваат најмногу студентите. Битолчанката Ивана Атанасовска,  инаку членка на Левица, вели дека во одредени ситуации  поиздржливи се покажаа возовите од времето на Југославија од новите.

    „Неретко се случуваше возот да доцни, а доста често застануваше на станицата кај Богомила затоа што немаше капацитет да продолжи, па моравме да почекаме моторот да собере сила за понатаму.  Во зима никогаш немаше греење, на прсти се брои колку пати барем малце беше топло.  Се случуваше да застанеме во некој тунел и да чекаме и по неколку часови да дојде друг воз, за откако ќе дојде по кратко возење со него и тој да застане и да нема капацитет да се движи. Правеа некоја анкета, па нѐ прашуваа дали сакаме бифе и Интернет во возот.  Едногласни бевме дека сакаме само греење“, вели Атанасовска.

    За новите возови вели „имаат капацитет како и оние од претходниот систем. После само неколку месеци, истите имаа расипани вециња и немаа парно греење.  Да е уште посмешно, овие возови повторно беа заменувани со старите кои се покажа  далеку поиздржлив“.

    Други битолчани пред две недели трганале со автобус од Битола за Скопје. Автобусот им се расипал на излезот од Прилеп, па чекале да стигне друг за да продолжат. Битолчанката Цветанка Христовска, која од меѓународен семинар во Нови Сад се враќала за Битола вели дека побрзо стигнале колегите во Австралија отколку таа дома.

    „Морав да земам автобус од Нови Сад до Белград, па таму до другиот ден да чекам автобус за Скопје , а од Скопје со воз се враќав пет часа до дома“, вели Христовска.

    Од „Македонски железници“ признаваат дека нема брз воз за Битола, туку дневно возат по четири патнички. Но според нив, патувањето трае по три и пол часа.

    „Возовите најчесто се од новите дизел моторни гарнитури, освен кога поради технички причини сообраќаат  постари дизел моторни гарнитури. Сите возови се климатизирани и имаат исправни тоалети. Пред секое тргнување на возовите се врши дневен технички преглед за исправност, како и редовно чистење по патувањето“, велат од „Македонски железници“.

    Во програмата „Реално“, со која ВМРО-ДПМНЕ истапи на парламентарните избори лани на 11 декември, имаа ветено шест милиони евра за патот Битола- Тополчани-Прилеп. Во изминатите години пак, за да се олесни превозот преку Пелтвар беше изградена уште една коловозна лента, а беа реновирани и делови од автопатот за Скопје.

     Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира