Предновогодишно, дел од учесниците во Шарената револуција во Битола деновиве се повикувани да се јават на разговор во Јавното обвинителство, во врска со кривичните пријави што против нив ги имаше поднесено полицијата за оштетување туѓи предмети.
Меѓу нив е и Зоран Димовски од битолското село Логоварди, кој поканата од обвинителството денес ја објави на социјалните мрежи. Во неа пишува дека на 29 декември треба да се јави во обвинитлеството во врска со кривичната пријава. Доколку не се јави или не го оправда отустството, пишува дека ќе биде присилно доведен, а можно е да му биде изречена и парична казна.
Димовски во телефонски разговор за „САКАМ ДА КАЖАМ.МК“ рече дека во обвинителство се повикани повеќе учесници на Шарената револуција.
„Сакам само да порачам дека не се плашиме“, рече Димовски.
Од битолското Јавно обвинителство рекоа дека во секоја предистражна постапка , податоците се чуваат во тајност и не можат да се соопштуваат.
Во јуни, битолската полиција поднесе кривични пријави против 26 лица од Битола, поради постоење основи на сомневање за сторени кривични дела „оштетување на туѓи предмети“. Според соопштението од МВР, пријавените во периодот од 17 до 27 април годинава во четири наврати сториле кривични дела „оштетување туѓи предмети“ врз зградата на Општина Битола. Овој објект е внесен во Студијата за културно-историско наследство на подрачјето на Битола како споменик на културата. Понатму, во соопштението пишуваше дека тие со фрлање тврди предмети и употреба на боја и јајца ја оштетиле предната фасада и балконот на зградата во општина Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА