ЧЕТИРИ ГОДИНИ ВО СДСМ НЕ СЕ НАЈДЕ ЈУНАК ШТО ЌЕ ЈА УРНЕ ДИВОГРАДБАТА НА ГРУЕВСКИ ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ

    ЧЕТИРИ ГОДИНИ ВО СДСМ НЕ СЕ НАЈДЕ ЈУНАК ШТО ЌЕ ЈА УРНЕ ДИВОГРАДБАТА НА ГРУЕВСКИ ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕПовеќе од четири години СДСМ е на власт и сè уште не знаат што да прават со грдосијата во центарот на градот. (Фото:СДК.МК)

    Бетонската дивоградба висока 32 метри  која минатата власт на ВМРО-ДПМНЕ замисли да биде споменик на Мајка Тереза, стои нечепната на влезот на Плоштад Македонија. Повеќе од четири години СДСМ е на власт на централно ниво, а над три на локално ниво во Скопје и скопските општини, но никој сè уште нема абер да ја урне грдосијата во центарот на градот.

    Архитектите и урбанистите, како и комисијата која ја формираше Владата за справување со проектот „Скопје 2014“, веќе неколку години бараат објектот веднаш да се урне бидејќи се наоѓа на пешачка улица и го крши Уставот и низа закони. Но, никој не ги слуша и дивоградбата си стои на некогашната пешачка улица оградена со скелиња и тараби, при што за пешаците е оставено едвај половина метар простор за движење на едно од најфреквентните места во градот.

    Споменикот е под надлежност на Министерството за култура кое почна да го гради во 2013 кога министерка беше Елизабета Канческа-Милевска. Дозволата за градба тогаш ја издало Министерството за транспорт и врски. Но, ниту еден од досегашните министри за култура не почна постапка за уривање, туку топката ја префрлаа во Владата.

    Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ каде во моментов се прави Деталниот урбанистички план „Мал ринг“ вели дека Општината нема надлежност да реагира, односно решението за градба треба да го поништи повисок орган, па потоа да се пристапи кон уривање и бришење на маркичката. Тој вели дека за ова прашање имале неколку состаноци во Владата, а наредната недела ќе имаат нов на кој треба да се договори конечно решение.

    „Јас сум согласен дека споменикот треба да се тргне. Го утврдивме правниот начин на кој тоа треба да се спроведе, останува само да имаме уште еден координативен состанок со Владата. Имаме правни аргументи дека тој простор не смее да се користи за изградба на било каков објект и тоа е доволно да се поништи решението за градба. Откако ќе се поништи решението тогаш може да се пристапи кон уривање“, вели градоначалникот Саша Богдановиќ.

    Владата пред две години одлучи споменикот на Мајка Тереза да не се урива, туку бетонската дивоградба да стои на Плоштадот само да добие нова намена и наложи на Министерството за култура да распиша конкурс за избор за идејно решение. На ваквата одлука остро реагираа од Асоцијацијата на архитекти на Македонија, како и градоначалникот на Скопје Петре Шилегов бидејќи не е спорна намената на објектот, туку тој воопшто не треба да постои. Тие најавија дека на конкурсот ќе учествуваат сите архитекти од Асоцијацијата и сите ќе понудат ист проект, просторот да биде улица. Шилегов побара да му го предадат споменик во негова надлежност и тој ќе го урне. По ова конкурсот не беше објавен, но оттогаш помина една година, а не е донесена одлука ниту за отстранување на споменикот.

    Споменикот на Мајка Тереза беше најавен како донација на фирмата „Сахара Индија“, сопственост на контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој. Тој заедно со тогашниот премиер Никола Груевски во јануари 2013 го најавија проектот отворајќи ја спомен плочата на Мајка Тереза на Плоштадот Македонија, на местото каде ќе се гради споменикот. Откако Рој отиде в затвор оти не платил оштета на измамени инвеститори во Индија, Владата на Груевски преку Министерството за култура и тогашната министерка Елизабета Канческа-Милевска го презеде проектот. Официјалниот старт на градежните работи беше во октомври 2015, а вредноста на договорот за негова изградба е 5,5, милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира