В. д. директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Драган Илиевски, на членовите на Управниот одбор не им дава информации за пречистителната станица за отпадни води во Скопје вредна 200 милиони евра. Како што велат за САКАМДАКАЖАМ.МК членови на Управниот одбор, на минатата седница била донесена одлука да се достави договорот кој е склучен со фирмите „ВТЕ Васертехник“ и „Жикол“.
„На седницата која вчера ја одржавме во ходник, бидејќи директорот ни ги заклучи канцелариите, договорот не беше доставен“, велат членовите на Управниот одбор.
И покрај тоа што седницата вчера се одржуваше во ходник, членовите донесоа одлука за разрешување на Илиевски поради лошото раководење на претпријатието.
„Она што се случува во претпријатието е лудо. Освен што беше заклучена салата, сменета е и бравата од мојата канцеларија и тргнат е написот дека тоа е просторија за претседател на Управен одбор. Сакаат да нè понижат и да нè спречат да одржиме состанок. Веќе подолго време сме незадоволни од работењето на претпријатието, се вработуваат луѓе во администрација, а не во техничките служби. Затоа, денес точка на дневен ред е да се разреши директорот и да не се одобрат нови вработувања. И покрај опструкциите, ние овие одлуки ги донесовме иако работевме во ходник”, изјави вчера Издриз Орана претседател на Управниот одбор на „Водовод и канализација“.
Договорот за пречистителната станица со германската-македонскиот конзорциум „ВТЕ Васертехник“ и „Жикол“, по долги опструкции од градоначалничката Данела Арсовска, беше потпишан во април годинава. Иако станува збор за капитален проект за Градот кој се реализира со помош на ЕУ, Арсовска не одржа прес-конференција ниту пак се споделуваат информации во јавноста.
Проектот е вреден 200 милиони евра, од кои 136 милиони евра се кредит од Европската инвестициска банка, а 70 милиони евра се неповратен грант од Европската унија.
Постапката за пречистителна станица за отпадни води започна во декември 2019 кога градоначалник на Скопје беше Петре Шилегов, а директор на „Водовод и канализација“ Душко Весковски. Тендерот беше распишан во јуни 2020 и тогаш беше кажано дека во 2025 Скопје ќе ја добие пречистителната станица, со што трајно ќе се реши проблемот на отпадни води од кои најмногу страда реката Вардар.
Со доаѓањето на функција на Арсовска постапката беше закочена. Таа најпрво го разреши од функција директорот Златко Перински, кој е кадар на ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека го фатила со „рачето во мед“ и тврдеше дека спречила криминал, иако европските партнери во проектот кажуваа дека нема никакви сомнежи во постапката. Потоа, со месеци не сакаше да го направи изборот на фирмата за надзор и фирмата изведувач, иако бодувањата беа направени и тие автоматски го покажуваат победникот на тендерот.
Пречистителната станица за отпадни води ќе се простира на површина од 13 хектари, во општина Гази Баба, на левиот брег на реката Вардар, во областа Трубарево. Откако ќе биде пуштена во функција, ќе може безбедно да ја третира и прочистува водата за 540.000 жители. Третираната вода ќе има врвен квалитет, согласно европските стандарди.
Ќе се намали и протекувањето, па 70 проценти од искористената вода ќе може да се употреби, што е од суштинско значење во период на климатски промени и зголемување на урбаното население. Тоа ќе помогне и водата од реката Вардар да биде помалку загадена.
А. АНТЕВСКА