ВЕЌЕ НЕМА ДА МОЖЕ ДА СЕ ГРАДИ ВО БЛИЗИНА НА ХЕРАКЛЕЈА

    ВЕЌЕ НЕМА ДА МОЖЕ ДА СЕ ГРАДИ ВО БЛИЗИНА НА ХЕРАКЛЕЈАСо години наназад на територијата околу Хераклеја, кај месноста наречена Сива вода, никнуваат диви градби како викендици, а археолозите во повеќе наврати реагираа дека тие делови не се доистражени и и на овој начин се деградираат (Фото: СДК.МК)

    Градбата на диви објекти во околината на археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис во Битола во иднина ќе биде максимално лимитирана, а на земјоделските површини ќе биде дозволено само копање до 40 сантиметри длабочина. Овие мерки се дел од програмата за заштита што ги доби локалитетот откако пред неколку месеци беше прогласен за културно наследство од особено значење , а во подкатегорија од големо значење. Освен системот на заштита, јасно ќе се одредат и границите на локалитетот и на контактната зона.

    Со години наназад на територијата околу Хераклеја, антички град од четвртиот век пред н.е., кај месноста наречена Сива вода, никнуваат диви градби како викендици, а археолозите во повеќе наврати реагираа дека тие делови не се доистражени и и на овој начин се деградираат. Со новиот режим на заштита во контактните зони веќе не смее да се градат објекти, индустриски капацитети, инсталации и антенски столбови.

    „Бесправните објекти во иднина ќе бидат максимално лимитирани. Оние кои се веќе подигнати ќе бидат предмет на разгледување, некои можеби и ќе добијат одобренија за легализација, но некои можеби не, се зависи од местоположбата, близината на границите на споменичната целина и други фактори. Земјоделското земјиште ќе остане такво какво што е, засега не се забележени некои длабоки копања. Во земјоделското земјиште ќе остане дозволено до 40 сантиметри обработка на земјиштето“, рече Данче Голубовска од Управата за заштита на културното наследство на денешната трибина „Грижата за Хераклеја Линкестис денес, гаранција за утре“ што се одржа во битолскиот Завод и музеј.

    Археолозите од битолскиот Завод и музеј велат дека грижата за Хераклеја Линкестис од страна на стручните лица е константна и секогаш зависи од финансиските средства кои државата може да ги дозволи.

    „Со новиот Закон за заштита на спомениците на културата и со Законот за ревалоризација на веќе постоечките споменици на културата, Хераклеја Линкестис како категорија на вредно културно наследство си го најде своето место во државата и државата се обврзува да поведе посебна сметка за овој локалитет“, рече археологот Енгин Насух.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира