ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАВА ВО СКОПЈЕ ЌЕ СТИГНАТ ПРВИТЕ АВТОБУСИ НА ГАС, ПОТПИШАН ДОГОВОРОТ ЗА КРЕДИТ ОД ЕБОР

    ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАВА ВО СКОПЈЕ ЌЕ СТИГНАТ ПРВИТЕ АВТОБУСИ НА ГАС, ПОТПИШАН ДОГОВОРОТ ЗА КРЕДИТ ОД ЕБОРГрадоначалникот Петре Шилегов, директорот на ЈСП „Скопје“ Кристијан Чушков, министерот за финансии Драган Тевдовски и претставник на ЕБОР Лин Огрејди, денска го потпишаа договорот за кредитно задолжување во висина од 10 милиони евра. (Фото: К. Попов)

    До крајот на годината Скопје ќе добие нови автобуси на гас кои ќе се купат со кредит од 10 милиони евра од Европската банка за обнова и развој. Градоначалникот Петре Шилегов, директорот на ЈСП „Скопје“ Кристијан Чушков, министерот за финансии Драган Тевдовски и претставник на ЕБОР Лин Огрејди, денска го потпишаа договорот за кредитно задолжување. Кредитот ќе го плаќа јавното претпријатие, кои ќе обезбеди плус 2 милиони евра за плаќање на ДДВ и транспортот на автобусите. Според проценките на Град Скопје со овие пари ќе бидат набавени 35 автобуси.

    „Со потпишувањето на овој договор и официјално почнува постапката за набавка на овие автобуси со кои значително ќе се подобри функционирањето на јавниот транспорт на патници во главниот град. Ова е прва набавка на автобуси за ЈСП ‚Скопје‘ после 7 години што претставува релативно долг временски период кога е во прашање обновата на возниот парк. Очекувам дека од крајот на оваа, најдоцна почетокот на идната година по скопските улици ќе се возат нови еко автобуси на еколошко гориво, со технологија на компримиран гас со ЕУРО 6 стандард на загадување“, рече градоначалникот Петре Шилегов.

    Голем дел од автобусите ќе бидат нископодни зглобни, а преостанатите ќе бидат нископодни единечни. Ќе имаат капацитет да превезуваат речиси двојно повеќе патници од двокатните.

    „Ги уверувам граѓаните дека новите автобуси ќе им овозможат побрз и пофункционален јавен превоз, а значително, со новите возила, ќе придонесеме и за подобрување на квалитетот на воздухот. Во новите автобуси, ќе има можност и за валидација на најмалку две места во возилото. Сето ова, автоматски на граѓаните ќе им овозможи побрзо да стасуваат до крајните дестинации, отколку сега возејќи се со кинеските автобуси. Споредбено со потрошувачката на старите дизел автобуси, овие ќе трошат речиси двојно помалку гориво, ќе заштедиме на трошоците за гориво, одржувањето и резервните делови на новите автобуси, а парите да ги искористи за натамошно инвестирање и унапредување на услугите на претпријатието“, рече директор на ЈСП „Скопје“, Кристијан Чушков.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира