ЕКО АВТОБУСИ НЕ СЕ ПУШТААТ ВО СООБРАЌАЈ ОТИ МИНИСТЕРКАТА ЗА ФИНАНСИИ АНГЕЛОВСКА ОДБИЛА ДА МУ ПРЕБИЕ ДДВ НА ШИЛЕГОВ

    ЕКО АВТОБУСИ НЕ СЕ ПУШТААТ ВО СООБРАЌАЈ ОТИ МИНИСТЕРКАТА ЗА ФИНАНСИИ АНГЕЛОВСКА ОДБИЛА ДА МУ ПРЕБИЕ ДДВ НА ШИЛЕГОВПоради епидемијата на КОВИД-19 ЈСП „Скопје“ има потешкотии во работењето и нема пари да го плати данокот, па било испратено барање до Министерството за финансии за ослободување од плаќањето на ДДВ во висина од 1,8 милиони евра, но било одбиено. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Новите еколошки автобуси за јавниот превоз во Скопје не можат да се пуштат во сообраќај бидејќи Министерството за финансии не го ослободува ЈСП „Скопје“ од плаќање ДДВ за набавените возила.

    Парите за набавка на автобусите се обезбедени преку кредит од Европската банка за обнова и развој, кој го отплаќа јавното сообраќајно претпријатие. Кредитот е во висина од 10 милиони евра и за оваа вредност претпријатието треба да плати и ДДВ на државата во висина од 1,8 милиони евра. На потпишувањето на договорот за кредитирање со ЕБОР пред една година, директорот на ЈСП „Скопје“ Кристијан Чушков кажа дека ДДВ ќе се плати на државата од сопствени средства на претпријатието.

    Но, сега поради епидемијата на КОВИД-19 претпријатието има потешкотии во работењето и нема пари да го плати данокот. Поради намалениот број на патници изминативе три месеци ЈСП „Скопје“ имаат загубата од околу 4,5 милиони евра.

    Поради тоа, како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори од претпријатието, било испратено барање до Министерството за финансии за ослободување од плаќањето на ДДВ во висина од 1,8 милиони евра. Бидејќи ЈСП е голем даночен обврзник пари од платениот данок на државата ќе му бидат вратени преку повраток на ДДВ, па всушност било побарано само да се направи пребивање. Но, ваквиот предлог бил одбиен од министерката за финансии Нина Ангеловска.

    Сега новите автобуси на гас мораат да седат во гаражата на ЈСП „Скопје“ оти без платен данок не можат да се пуштат во сообраќај. Кога ќе се плати данок за нив од претпријатието не знаат бидејќи и понатаму секојдневно работат со загуби, а состојбата со коронавирусот според проценките на епидемиолозите ќе трае и наредниот период.

    Министерката за финансии Нина Ангеловска на денешната прес-конференција за платформата „Отворени финансии“ на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто не му се излегува во пресрет и не му се помогне на ЈСП „Скопје“ и јавниот превоз во Скопје рече дека станувало збор за системски данок и ќе дошло до нарушување во функционирањето на системот.

    „Точно е дека за ова прашање разговаравме на владина седница. Разбирам дека претпријатието поради кризата има потешкотии во работењето, но ако ослободиме едно претпријатие од оваа обврска тогаш и други ќе бараат. Автобусите се царинети, па му овозможивме друга флексибилност на ЈСП односно наместо за 30 дена, му дадовме подолг рок да го плати ДДВ“, рече Ангеловска.

    Како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК Град Скопје но и други општини побарале и финансиска помош од Владата поради корона кризата, но и ова барање било одбиено од министерката за финансии Ангеловска. И на денешната прес-конференција таа кажа дека барањето на Општини во оваа состојба не може да им се помогне и дека градоначалниците треба да го менаџираат работењето и да скратат од непродуктивните трошоци.

    Досега во Скопје од Хрватска се стигнати 16 автобуси, а уште 9 треба да пристигнат в понеделник. Со тоа ќе бидат испорачани 25 од вкупно 33 нарачани еколошки автобуси за јавниот превоз во Скопје.

    Двокатните автобуси кои беа набавени од претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ, беа купени со средства од буџетот на Владата односно ЈСП „Скопје“ и Град Скопје не дадоа пари за нивната набавка.

    А. АНТЕВСКА

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари