ЕВН ЈА КУПИ ГРАДСКАТА КУЌА ЗА 12,7 МИЛИОНИ ЕВРА

    ЕВН ЈА КУПИ ГРАДСКАТА КУЌА ЗА 12,7 МИЛИОНИ ЕВРАНа електронската аукција која се одржала вчера единствен понудувач била компанијата ЕВН. (Фото: СДК.МК)

    Компанијата ЕВН ја купи Градската куќа на кејот на реката Вардар. Градоначалникот Петре Шилегов за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека јавната аукција за продажба на Градската куќа се одржала вчера, а единствен понудувач била австриската ЕВН.

    „До 31 октомври беше пријавувањето на заинтересирани фирми за учество на електронската аукција. Се пријави само компанијата ЕВН, а електронската аукција се одржа вчера. Почетната цена беше 12,7 милиони евра и тоа е цената по која Град Скопје ја продаде Градската куќа. Во наредните 15 дена ќе биде склучен договорот“, вели градоначалникот Шилегов.

    Шилегов на 26 септември најави дека Градската куќа која почна да ја гради неговиот претходник Коце Трајановски ќе се продава бидејќи немало место за сите вработени туку само за 350 и ‘местото на администрацијата на главниот град не е некаде фрлено на страна, туку во центарот на градот’.

    Каде ќе се селат службите на Град Скопје откако Градската куќа е продадена, Шилегов не кажува. Вели дека се разгледуваат неколку опции кои ќе обезбедат многу посоодветни услови за вработените и за странките.

    Градската куќа покрај Вардар почна да се гради во 2011, а при поставувањето на камен-темелникот ексградоначалникот Коце Трајановски најави дека ќе биде готова кон средината на 2015. За изградба на објектот Град Скопје склучи договор од 15 милиони евра со „Бетон“, потоа склучи и дополнителен договор од 3 милиони евра за изградба на енергетски ефикасна фасада. Идејно решение е на Иван Кокалановски и Борче Стојковски.

    А. АНТЕВСКА

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари